Како родент охриѓанец, со повеќе генерации родени тука, но и како секој нормален човек кој бар еднаш го посетил Охрид и Охридското Езеро, секако дека го сакам нашето езеро и сметам дека е бесценет бисер и неповторлив ресурс. Сакам само да напоменам дека покрај страшната убавина и магичност која ја има истото, тоа воедно е најстаро езеро во Европа а можеби и во светот, како и најголем резервоар на пивка вода во Европа.

Но имаме неколку проблеми, кои сега ќе ги нагласам:

Прво, огромна хипокризија е дека некои си смешни, селски, кич платформи се главен проблем на езерото. Да, тие се кич, не треба да се тука и делуваат селски… Како и целиот град впрочем во последно време. Но, овие платформичиња како крик на сељачизмот, лакомоста и простотилакот на концесионерите – не се уствари никаков проблем за САМОТО езеро… Тие се еднократно поставени – да , делуваат за никаде – ама техничко-хемиско-биолошки тие не го оштетуваат езерото. Затоа и целата хистерија на УНЕСКО и некои локални НВО-а ми делува смешна.

Кој е главниот проблем на Охридското Езеро во моментов?

Главен проблем на езерото е се поголемиот број на истотака селски, нафтени, кич и безвезе пловни објекти кои секојдневно растат. Зошто се проблем овие кајчиња, бродчиња, катамарани и други пловни глупости. Затоа што најголем дел од нив се на нафтен погон и ИСПУШТААТ СТРАШНИ КОЛИЧИНИ на нафта во езерото. Со ова темпо, за брзо ќе се загади езерото до точка од која нема враќање во однос на живиот свет, флората и фауната во истото. Едноставно ќе го претвориме во токсична бара. Со тоа ќе изумре и туризмот а и градот воедно.

Не може бе другари, секој последен сељак кој ја продал дедовата нива да купи глисер 30 години стар – да го загадува на мегаломанско ниво езерото. Селски ви се и глисерите и фаците… Изнакупиле сељациве наши катамарани, бродој, глисери, кајчиња и ги возат за смешни робски цени другиве сељаци кои ни доаѓаат на „изживљавање“ туризам. Абе ебете си мајката и едните и другите…. Вие не го заслужувате ова езеро, уврнути опанци…

За да не биде само зборување, тука давам конкретен предлог, кој не сум го смислил јас, туку е пресликан од многу попаметни луѓе од Швајцарија, Италија, Скандинавија:

Да се донесе Закон со кој сите пловни објекти во езерото ќе бидат со нула емисија ( zero emission ). Нема што да се преговара. Ќе си купите електрични пенти или едрилици на ветер. End of discussion. И за такво пловило да се наплаќа неколкупати повисока тарифа за да се пушти во езерото-годишно. Што е повеќе Женевско или Лаго ди Гарда повеќе од Охридско Езеро? Таму се овие закони. Ќе бидат и овде…. Јас дури сметам дека нашето езеро е уште поубаво и позначајно од нив.

Овој ваков Закон мора под итно да се донесе и имплементира, додека имаме сеуште шанса да го спасиме езерото. Бројот на канти кои пловат и трујат со нафта секојденвно се зголемува – правопропорционално со бројот на сељаци кои ги возат и бројот на сељаци кои се возат со нив.

Доколку имаме грам совест и визија за иднината, сите ние треба да бараме вакво решение за спас на езерото.

Езерото не страда од неколку шипчиња за селски платформи. Тоа страда од нафтата и фосилни горива кои се испуштаат во него и хемиски му го уништуваат биодивирзитетот.

Сакате сељани да сте европјани? Однесувајте се европски и поддржете европски закони, а кон овој бесценет ресурс поставете се човечки и разумно.

 

Наум Димитровски