Акциите на светските берзи вчера го имаа својот најлош ден од финансиската криза во 2008 година. Драматичниот пад веќе го доби името „Црн понеделник“, пишува Би Би Си.

Вредноста на главните финансиски индекси во САД паднаа повеќе од 7%, додека лондонскиот индекс на главните акции го заврши денот со пад од речиси 8%. Слични падови може да се забележат и низ цела Европа и Азија. Индексот на македонската берза МБИ 10 падна за близу 6%.

Зошто паѓаат акциите

Драматичниот пад на вредноста на акциите на големите светски компании и индексите на берзите се предизвикани од спорот за производството на нафта меѓу Саудиска Арабија и Русија. Последниот потег е на Саудиска Арабија, која се закани дека ќе го зголеми производството на нафтата, што пак очекувано ќе ја намали цената на „црното злато“. Таквиот чекор следуваше откако Москва, по барање на другите земји производители на нафта, одби да го намали производството и извоз на нафта поради намалената побарувачка предзивикана од коронавирусот. Со други зборови, Саудиска Арабија влегува во ценовна војна со Русија, односно го зголемува производството на нафта во услови кога на пазарот таа се бара помалку.

За аналитичарите, реакцијата на пазарот е „целосна кланица“.

Зошто на многумина треба да им е важен падот на берзите

Само за пример, падот на лондонската берза „избриша“ околу 125 милијарди фунти од вредноста на најголемите фирми во Обединетото Кралство. Во Франкфурт и во Париз, најголема загуба на вредноста имаа банките. Руската рубља пак, загуби околу 8% од вредноста.

Од друга страна, цената на златото продолжи да расте, па ја достигна својата највисока вредност во последните седум години.

Овие берзански движења навидум не го допираат „обичниот“ човек кој не инвестира на берза, но во суштина влијаат на милиони луѓе во светот и десетици илјади и во Македонија. Во земјава, вториот пензиски фонд е задолжителен а третиот е добровлен. Во кој и да е случај, еден од начинот на кој пензинските фондови ги оплодуваат парите е преку нивно инвестирање кои директно или индиректно се поврзани со берзанските движења.