Со 72 проценти помалку меѓународни пристигнувања во првите десет месеци и глобална загуба од 935 милијарди долари, ова е најлошата година во историјата на светскиот туризам, а достигнувањето на прометот од 2019 година се очекува да се достигне за две до четири години или повеќе, според Светската агенција за туристички организации.

Пристигнувањата на меѓународните туристи паднаа за 72 проценти во периодот од јануари до октомври 2020 година, поради ограничувањата на патувањето, ниската доверба на потрошувачите и глобалната борба против ковид 19, сето тоа придонесе оваа година да биде најлоша во историјата на туризмот.

Според најновите податоци на Светската туристичка организација (УНВТО), туристичките дестинации беа домаќини на 900 милиони странски туристи помалку од јануари до крајот на октомври во споредба со истиот период во 2019 година, што резултираше со загуба од 935 милијарди долари во приходите на секторот, над десет пати поголема отколку за време на глобална економска криза 2009 година.

Генералниот секретар на УНВТО Зураб Пололикашвили вели дека, иако веста за вакцината ја зајакнува самодовербата на патниците, има уште многу да се направи до закрепнувањето, пренесува агенцијата Танјуг.

– Затоа, мора да ги интензивираме нашите напори во однос на безбедно отворање на границите, истовремено поддржувајќи ги работните места и компаниите во туризмот. Станува сè појасно дека туризмот е еден од секторите најпогодени од оваа невидена криза – додаде тој.

Врз основа на сегашните индикатори, УНВТО очекува дека вкупниот пад на меѓународните патувања во цела 2020 година ќе биде помеѓу 70 и 75 проценти, што ќе го врати глобалниот туризам на нивото од пред 30 години, со милијарда пристигнувања помалку и загуба на приходите од туризам од 1,100 милијарди долари.

Овој огромен пад на туризмот предизвикан од пандемијата може да резултира со загуба на две илјади милијарди долари во светскиот БДП, се додава во извештајот.

Азиско-пацифичкиот регион претрпе најголеми негативни ефекти од пандемијата со пад на пристигнувањата на странски гости за 82 проценти во период од десет месеци. Блискиот исток забележа пад на меѓународните пристигнувања за 73 проценти, пад во Африка за 69 проценти и пад во Европа и Америка за 68 проценти, проценува УНВТО.