Во Америка беше претставен проект кој сè уште е во рана фаза на развој, но веќе го привлече вниманието на јавноста со малкуте достапни информации.

Имено, беше објавено дека облакодерот планиран за Њујорк, поточно западната страна на Менхетен, ќе биде една од највисоките згради на западната хемисфера.

Предвидувањата се дека ќе биде на само блок од мега проектот на Хадсон Јардс и Хај Лајн. „Affirmation Tower“ ќе има впечатлив конзолен дизајн и ќе се издигнува до висина од 506 метри.

Рендерите покажуваат дека ќе изгледа како стандардна кула превртена наопаку. Проектот го изработи компанијата на ганско-британскиот архитект Сер Дејвид Аџаје.

Облакодерот ќе се состои од низа блокови наредени еден врз друг, создавајќи скалест профил кој изгледа како да се шири додека се крева. Висината ќе биде во однос пет спрема еден во однос на основата, каде секое наредно ниво е повисоко од претходното. Блоковите ќе бидат наредени така што најмалите ќе бидат на дното и како што одат кон врвот ќе стануваат поголеми.

Во облакодерот ќе бидат сместени деловни простории, два хотели, седиштето на НААЦП, платформа за набљудување и лизгалиште.

Покрај Аџаје, тимот кој стои зад предлогот ги вклучува и Peebles Corporation, McKissack Group, Exact Capital и Steven Witkoff. Доколку се изгради „Affirmation Tower“, тоа ќе биде вториот облакодер на Аџаје на Менхетен, по станбената кула „130 Вилијам“.