Добро позната е фразата дека „Македонецот е познат по тоа што заработува 250 евра, а во месецот троши дупло повеќе“. Па така, и кога станува збор за годишниот одмор, не е мал бројот на Македонци кои се одлучуваат да заминат на море на кредит.

Работиме приватно и јас и сопругот, тргаме на страна заштеда за одмор, но секогаш нешто друго ќе излезе и заштедата ни оди за тоа. Кога ќе дојде време за одмор се чудиме како да ги организираме финансиите за да ги одведете децата на море. Последниве неколку години земаме потрошувачки кредит кој потоа го отплаќаме со месечна рата. Едноставно банката ни одбива од платата и мислам дека не е осетно, вели 38-годишната скопјанка Ели П.

Ние со партнерот одамна сакаме да го посетиме Египет. Годинава решивме да подигнеме кредит за да си го оствариме сонот, бидејќи во ова стресно секојдневие мислам дека треба да инвестираме во сопственото задоволство. Не се знае утре што ќе биде, а вака со минимална позајмица од банка, на рати ќе го отплаќаме патувањето, раскажува друга скопјанка.

Банкарските работници велат дека во летните месеци побарувачката за потрошувачки кредити е поголема, но, иако кредитобарателите немаат обврска да кажат за што им се потребни парите од кредитот, во неформален разговор откриваат дека ќе инвестираат во годишен одмор.

За некого, годишниот одмор е потреба, за некого луксуз од кој може да се откажат. Многумина на социјалните мрежи коментираат дека „колку е чергата, толку треба да се испружат нозете“ или соодветно на можностите треба да изберете дестинација и да менаџирате да си поминете убаво, но евтино. Сепак, секој одлучува за своите избори.