Турција е рангирана на прво место по бројот на странски компании во земјава, и во моментов речиси 2.000 турски компании се регистрирани и работат во различни сектори

Позитивната деловна клима за инвестирање, брзи и ефикасни процедури и постапки за реализација на инвестиции, како и пристап до квалификувана работна сила се клучни за турските инвеститори во земјава. Своето позитивно искуство од инвестирање во ТИРЗ пред повеќе од 30 турски компании го споделија менаџерите на турската компанија Пурпласт и на новиот инвеститор во ТИРЗ, компанијата Шахтерм. На настанот во организација на Стопанската комора на Бурса директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски ги претстави инвестициски можности во Македонија како и можностите за турските компании, а свое обраќање имаа и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски како и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.

„Македонија има клучна географска положба. Нудиме флексибилност, одлична инфраструктура и квалификувана работна сила. Она што е уште поважно е што успеавме да ја промениме сликата од земја на евтина работна сила, во земја на добро платени работни места за нашите сограѓани. Па така не само што континуирано расте бројот на вработени во Зоните, туку и просечната нето плата веќе достигна над 1.100 евра. Македонија е стабилна земја со вредни работници. Покажавме и дека Македонија е вистинска бизнис дестинација со оглед на тоа дека во изминативе три години имаме постигнато договори од 1 милијарда евра, што е исто колку инвестицискиот обем за десет години, “ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Тој додаде и дека „Турција прераснува во сериозен бизнис партнер на земјава, а само во ТИРЗ во последниве три години имаме три нови турски компании кои инвестираат над 125 милиони евра и предвидуваат отворање на над 1.200 нови работни места од кои дел веќе се реализираат“.