Од РКЕ продолжуваат со „вонредните“ промени на цените кои се формираат врз основа на актуелната ситуација со нафтата на светско ниво.

Така, со својата најнова одлука, Регулаторната комисија за енергетика ги намалува малопродажните цени на горивата во нашата земја во просек за 2,50 % споредено со претходната одлука донесена минатиот петок ( на 1 април). Според најновата одлука на РКЕ, цените на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се намалуваат за 2,50 денари, додека цената на Еуродизелот се намалува за денар и половина.

Со други зборови, тоа значи дека од ноќеска на полноќ, за литар Еуросупер БС-95 ќе треба да издвоиме по 81 денар за секој наточен литар, Еуросупер БС-98 треба да се плати по 83 денари, додека пак Еуродизелот ќе се точи по цена од 82 денари за литар гориво.

Од РКЕ истакнуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,64 проценти, а кај дизелот намалување во просек за 2,275 проценти.