Крсто Блажевски, претседател на ХОТАМ е задоволен од досегашната посетеност, а гостите пристигнуваат не само од соседна Србија, туку и од Англија, Холандија, Полска… За кусо време ќе има навалица и од домашните гастербајтери.

Туристичката сезона на Охридско-струшката ривиера добива на интензитет, а угостителите подготвени ги чекаат своите гости. По безмалку едномесечното затворање на главната сообраќајна артерија од Подмоље до влезот на туристичкиот центар, пред една недела делницата од магистралниот пат Охрид-Кичево е пуштена за редовен собраќај, без старите дупки и со подновен асфалт. Тоа е добра вест, а добро е и што работите завршија пред рокот за да нема долги колони на возила, оти почнува првиот туристички бран, вели за „Слободен печат“, Крсто Блажевски од ХОТАМ. Тој е задоволен од досегашната посетеност, гостите пристигнуваат не само од соседна Србија, туку и од Англија, Холандија, Полска… За кусо време ќе има навалица и од домашните гастербајтери.

-Мислам дека ќе имаме успешна сезона, ова со патот не беше планирано, но за среќа брзо заврши. Туристите доаѓаат, на ривиерата се зборува на сите јазици – додава Блажевски. Тој информира дека веќе се уредени и 70 до 80 отсто од плажите кои се издадени под концесија, се води грижа за хигиената на јавните површини, а етапно се расчистува ѓубрето на просторот околу коловозот на патниот правец Охрид-Св.Наум.

Претседателот на ХОТАМ вели дека не е надминат проблемот со недостигот од персонал и речиси и да нема угостител на кој не му фалат собарки, хигиеничарки, келнери или готвачи, но дека се снаоѓаат се со цел гостите да бидат навреме и квалитетно услужени.

-Добро е што младите ученици се свесни дека мора да се работи, брзо учат и не кршат премногу чаши и тањири – се шегува Блажевски.

Тој посочува и еден друг феномен, а тоа е дека иако во помала мерка, но има и наши работници, кои заминаа на сезонска работа во странство, но сега се враќаат на старите работни места.

-Не знам што е причината, може им е подобро дома. Сепак, има и такви кои видоа дека и во соседството не цутат рози и дека не е се како во рекламите, па се враќаат кај нас- додава претседателот на ХОТАМ.

Инаку, цените на аранжманите за оваа туристичка сезона во хотелите со 4 или 5 ѕвезди се движат од 40 евра до 60 евра за ноќевање со појадок, што според Блажевски се релативно пристојни суми за разлика од регионот.

-Ние дестинациски, сè уште сме едни од поевтините во споредба Хрватска, Црна Гора или Грција- додава Блажески. Оттука и хотелиерите нема да им го пресметаат на гостите поскапувањето на електричната енергија, поради враќањето на ДДВ на 18 отсто од 1 јули. Тој не очекува дека поскапувањето ќе го опфати и приватното сместување.

-За разлика од минатата година кога цените на струјата дивееја, па некои од колегите мораа да затворат, сега речиси и нема хотел кој нема поставено соларни панели – вели Блажески.

-Ние дестинациски, сè уште сме една од поевтините дестинации ако се споредуваме со Хрватска, Црна Гора, Грција па дури и Албанија. Нашите капацитети сè уште спаѓаат во поевтината сместувачка категорија – додава Блажески.