Претпријатијата кои стопанисуваат со државните патишта на Македонија, Србија и Албанија интензивно ги прават подготовките за реализирање на проектот за единствена електронска наплата на патарини во трите земји, со единствен ТАГ уред, договорен на последниот самит на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид.

Од нашето Јавно претпријатие за државни патишта – ЈПДП, информираат дека се одржани три состанока и дека работите имаат свој тек. Како што посочуваат, за почеток се усогласуваат софтверите на патарините во трите земји за да може ист ТАГ да се користи на електронските уреди на патарините во трите земји. Тоа е првата фаза, која пред да профункционира, ќе се тестира.

Од ЈПДП информираат дека е замислено ова усогласување да биде без дополнителни финансиски трошоци во трите земји. Исто така, се бара модел за размена на платените средства, односно секоја од земјите да си ги добие парите што ѝ следуваат, а се платени преку електронските уреди на патарините.

Иако од „Патишта на Србија“ најавија дека имплементацијата на новиот систем се очекува до крајот на летната сезона, од ЈПДП велат дека ќе биде подоцна, зашто процедурите се обемни, а ова е уникатен проект, кој не постои никаде во Европа.

Во Македонија, пак, проектот Отворениот Балкан „електронска наплата“ би можел без проблеми да се реализира секаде по „Коридорот 10“, но не на „Коридорот 8“, затоа што таму се уште нема електронска наплата на патарините. На наплатната рампа Кадрифаково веќе е монтиран електронскиот систем и наскоро треба да проработи, но за наредните неколку месеци нема најава за електронска наплата на останатите пет рампи низ Коридорот 8: Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар.

Имплементацијата на овој проект, кој треба да биде големо олеснување во протокот на стоки и патници е можна затоа што ЕНП системите за наплата на патарини во трите земји се базираат на истата технолошка платформа, ДСРЦ – директна комуникација со краток дострел.

-Корисниците на електронскиот уред за наплата ќе можат да го користат постојниот ЕНП уред со негова реконфигурација и регистрирање на својата платежна картичка на едно од продажните места. ЕНП уредот ќе биде поврзан со платежната картичка на корисникот, додека самиот корисник ќе може да избере дали ќе наплатува средства во национална или во странска валута, објаснуваат во српското јавно претпријатие кое е вклучено во реализација на проектот, „Патишта на Србија“.

Оттаму информираат дека според сегашниот предлог, предвидено е граѓаните на Србија Македонија и Албанија да добиваат попуст од пет отсто со користење на овој уред.

-За воведување на овој систем, кога станува збор за земјите учеснички, односно јавните претпријатија кои се занимаваат со наплата на патарина, потребни се соодветни технички и организациски подготовки на кои во моментов активно се работи, а кои вклучуваат вчитување на нови кодови на антени за читање на ТАГ уредите и друго. Потоа системот ќе биде тестиран, а почетокот на апликацијата се очекува во текот на летната сезона, велат во „Патишта на Србија“.

Според нивната оцена единствениот систем на патарина ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе го намали метежот на автопатите. Новиот начин на плаќање на патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, а предност за граѓаните е што нема да чекаат во редици во шпицот на сезоната и што побрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација.