Иако и без да се движат во една насока цените на нафтата ќе се задржат стабилни во почетокот на новата недела, поддржани од силна побарувачката, слабиот долар и постојаното ограничување во производството од страна на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и Русија, ја резимира ситуацијата „CNBC“.

Фјучерсите врз американската лесна сурова нафта за испорака во март поскапе за 0,18% до 66,26 долари за барел. Кај сортата „Брент“ сепак беше забележано намалување со 0,14% до 70,42 долари за барел.

И покрај стабилноста на цените во моментов некои аналитичари очекуваат подоцна во текот на годината да станеме сведоци на поевтинување на „црното злато“ поради зголеменото американско производство.

Благодарение на договорот на „ОПЕК“ и силната побарувачката на нафта во светот цените пораснале за речиси 60% од средината на 2017-та година. Според трејдерите во моментов слабиот долар е главен фактор за зголемената побарувачка на нафта. Американската валута загубила 3% од вредноста во однос на кошницата од основните валути од почетокот на годината и речиси 13% во однос на минатиот јануари.

Американската инвестициска банка „JP Morgan“ изјави дека е зголемена прогнозата за просечната цена на нафтата во оваа година со околу 10 долари до 70 долари за барел за сортата „Брент“ и до 65,63 долари за барел за американската лесна сурова нафта.

„Очекуваме „Брент“ да се доближи до 78 долари за барел до крајот на првиот или почетокот на вториот квартал од 2018-та година“, коментираат уште од „JP Morgan“, цитирани од „Ројтерс“. Според финансиската институција сепак цените ќе се намалат до крајот на годината поради зголеменото производство.

Производството на нафта во САД е зголемено за над 17% од средината на 2016-та година до 9,88 барели на ден во средината на јануари. Очекувањата се наскоро да се поминува границата од 10 милиони барели нафта на ден, а во моментов само Русија произведува повеќе – 10,98 милиони барели на ден.

 

28.01.2018  13:44