Тоа што загрижува последните две недели е цената на природниот гас, која расте, и тоа влијае и на цената на електричната енергија на пазарот ден однапред и на фјучерсите што ги следи РКЕ, за првпат по четири-пет месеци, има предвидувања дека цената на струјата во 2025 година ќе биде над 100 евра. Но, сепак, тоа споредено со цените од 250-300 евра е помалку, но не е на ниво од педесетина евра, а во моментов цената е 57 евра на мегават-час. Сепак, РКЕ очекува стабилизација, бидејќи има неколку битни фактори што ќе влијаат на цената на струјата.

Ставови на РКЕ искажани преку претседателот Марко Бислимоски

Повеќепати е разговарано и се изнесени ставови важни за граѓаните и економијата во однос на цената на електричната енергија, универзалниот снабдувач, влијанието на цената на природниот гас врз цената на струјата, евтината струја, поставувањето фотоволтаици, домашното производство на електрична енергија и увоз, влијанието на давачката за пристап на мрежа…
Неодамна, Регулаторна комисија за енергетика истакна дека по 32 години независност, конечно сме на праг до енергетски независна држава кога е во прашање електричната енергија. Податоците покажуваат дека елдорадото на инвестиции во фотонапонски централи, каде што има пораст во инсталираниот капацитет за 251 процент во споредба со 2022 година, го стопи увозот од 30 проценти на 2,75 проценти. Овој успех има сеопфатно влијание, како кон енергетска транзиција така и кон финансиските текови преку намалувањето на дефицитот.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, ги изнесе своите ставови во однос на некои очекувања од страната на граѓаните, даде и објаснувања за некои недоумици што се појавија во јавноста, но и прокоментира некои мерки што ги планира новата влада.

Дали ќе има стабилизација на цената на струјата

Цената за универзалниот снабдувач РКЕ ја определува во јуни и оваа година за последен пат ние ќе ја определуваме во јуни, односно понатаму тоа ќе го прави универзалниот снабдувач. Дилемата од страна на граѓаните е дали воопшто може да очекуваат намалување на цената на струјата или, пак, таа би се зголемила.
– Една добра работа што ја имаме во делот на цените за електрична енергија е маржата, која ќе биде пониска, досега беше 11,5 отсто од 1 јули ќе биде 9,9 отсто. Исто така она што сериозно ќе влијае на цената на електричната енергија е тоа што ЕСМ ќе ја понуди на тендерот на универзалниот снабдувач и ќе има сериозно влијание. Следното е колкав процент ќе ги обезбеди ЕСМ потребите на домаќинствата, т.е. за малите потрошувач. И уште една работа што ќе влијае е колкав ќе биде трошокот за откуп на електрична енергија од овластените производители. Во делот на тоа што треба да го понуди ЕСМ веќе имаме тренд малите потрошувачки што се снабдувани од универзалниот снабдувач поголем дел од нив ќе одат на слободниот пазар на електрична енергија, бидејќи и овој период цените на слободниот пазар на електрична енергија им се поповолни – околу 20-30 проценти е пониско од она што го имаат на регулираниот пазар. И од тие причини ќе одат на слободниот пазар и затоа тоа ќе има соодветно влијание – објаснува Бислимоски.
На тој начин, како што вели тој, се ослободуваат количества електрична енергија што ЕСМ треба да му ги даде на универзалниот снабдувач, така што, додава тој, во овој дел логично е ЕСМ да ги обезбеди 100 проценти од потребите на домаќинствата и тие мали потрошувачи што останале на регулираниот пазар.
– Она што загрижува последните две недели е цената на природниот гас, која расте, и тоа влијае и на цената на електричната енергија на пазарот ден однапред и на фјучерсите што ги следиме, за првпат по четири-пет месеци, има предвидувања дека цената на струјата во 2025 година ќе биде над 100 евра. Но, сепак, тоа споредено со цените од 250-300 евра е помалку, но не е на ниво од педесетина евра, а во моментов цената е 57 евра на мегават-час. Како и да е, очекувам стабилизација, бидејќи овие неколку битни фактори што ги кажав ќе влијаат врз цената на струјата – појаснува Бислимоски.
Пред шест месеци цената на струјата на 1 јануари се намали на 5,16 отсто во првиот блок, во вториот блок и евтината тарифа цената на струјата остана иста, третиот блок поскапе 2,8 отсто, и четвртиот блок 1,8 отсто. Според претседателот, откога се применува евтина тарифа, потрошувачката во скапа тарифа од блоковите се прелева во евтината тарифа, па во иднина ќе се види каков ќе биде распоредот на потрошувачката, што понатаму ќе има сериозно влијание и на крајните цени.
– Наедно оние што имаа енормна потрошувачка на струјата почнаа да ја намалуваат и да се фокусираат на обновливите извори на енергија – истакнува Бислимоски.

Анализите во однос на времетраењето на евтината струја

Неодамна во јавноста се провлече информација дека времетраењето на евтината струја може да се зголеми за еден час плус. Како што укажува претседателот, Регулаторната комисија во моментов ги прави анализите во однос на евтината струја и го анализира секој час на подолг рок.
– Ќе почнеме да анализираме за секој час од 2021 година, како се движеле цените во периодот од 10 до 17 часот, и ќе ги споредуваме со цените од 17 до 23 часот. Она што го гледаме и е јасно е дека цената на електричната енергија во периодот кога предлагаме да има евтина тарифа откога функционира е многу пониска цената на електрична енергија од 19 до 22 часот. И таа привилегија досега, поради голем број поставени фотоволтаици, ја користеа компаниите. Факт е дека во овој период имало периоди кога цените биле и 5 евра – 10 евра, за викенди имало екстремни случаи кога биле нула или, пак, имале негативни цени и сакаме таа придобивка од поставувањето фотоволтаици, што реално во овој период ја намалија цената на струјата на берзите, да ја почувствуваат и граѓаните. Таа анализа ја правиме и почнувањето на евтината тарифа, доколку покажат анализите дека треба, ќе започне од 1 јануари 2025 година – истакнува Бислимоски.
Наедно ако се воведе тоа, од РКЕ велат дека ќе бидеме прва земја што ќе има три часа евтина тарифа во текот на денот.

Производството на струја од фотоволтаици се зголеми за речиси 300 отсто

– Околу 79 отсто од електричната енергија во март е од домашно производство, а остатокот е од фотоволтаици. Производството на фотоволтаиците е многу поголемо, во 2023 година имаме увоз на електрична енергија од само 2,75 проценти. Тоа пред сѐ се должи на тоа што одреден период во годината од 2023 година работеше ТЕЦ „Неготино“ и апсолутно е поради вклучување на голем број фотоволтаици. Производството на струја од фотоволтаици се зголеми за речиси 300 отсто, тој тренд го имаме и оваа година и јас верувам дека повторно на крајот ќе имаме исто така низок увоз на електрична енергија – укажа Бислимоски.
Според него, овие фотоволтаици за да се приклучат треба да добијат согласност од операторот на соодветниот систем или на дистрибутивниот или на преносниот, а тоа значи тие веќе имале барање за фотоволтаици каде што не се дозволува.
– Операторот пред да издаде енергетска согласност прави анализа и кажува дали таа мрежа може да издржи. Сите овие што се изградени се добиени врз основа на енергетска согласност и тоа значи дека нема да предизвика никакви проблеми на мрежата. Она со што ќе се соочува не само Македонија, туку и цела Европа каде што има фотоволтаици се можните тешкотии во однос на водењето и балансирањето на системот бидејќи еден облак што никој не може да го предвиди влијае на производство и тоа ќе биде предизвик за сите преносни систем-оператори. Но тука постои можност веќе и во Македонија да се ставаат батерии и сето тоа ќе ја релаксира состојбата. Апсолутно дека многу фотоволтаици значат и во базна енергија. Ние базната енергија ја обезбедуваме од термоцентралите, и покрај овие термоцентрали ќе треба да се направат и гасни електроцентрали за да можеме да ја обезбедиме оваа базна енергија за водење на системот, а исто така ќе ни треба и балансна енергија за да се балансира целиот електроенергетски систем – потенцира Бислимоски.

Ако се укине давачката пристап до мрежа, цената на струјата ќе се зголеми

Првиот човек на РКЕ појаснува дека околу два и пол милиони евра се собрани од давачката пристап до мрежа, потенцирајќи дека таа ставка треба да остане и во иднина за да не им се наштети на оние потрошувачи што немаат поставено фотоволтаици.
– РКЕ му определува на ЕВН приход, тој приход е да речеме 100 единици, тие се земаат преку потрошувачите што плаќаат за користење на дистрибутивната мрежа. Со воведувањето на пристапот до мрежа околу 20 отсто од тие 100 единици ќе ги обезбедат од надоместокот, а остатокот преку цена на струја за дистрибуција по киловат-час. Надоместот не се екстра пари, туку тие се во рамките на приходот, доколку се тргне надоместокот тогаш евтината тарифа ќе се зголеми за 15 отсто, бидејќи ќе се зголеми мрежарината и крајната цена за сите блокови ќе се зголемат, и тоа, според нас, не е добар пристап. Ние имаме рекордно најниско ниво на потрошувачка, бидејќи голем број компании ставија фотоволтаици. Поради тие што поставиле фотоволтаици имаме проблем, ни се намалуваат количествата електрична енергија што се дистрибуираат низ мрежата. Во тие случаи ако ние не го воведевме надоместокот, цел товар поради намалената потрошувачка се префрла на тие што не поставиле фотоволтаици. Сѐ повеќе и повеќе имаме домаќинства што поставуваат фотоволтаици и нивната потрошувачка паѓа и товарот се префрла кај другите домаќинства што немаат доволно финансии за да стават фотоволтаици. Според нас, тоа е фер пристап, да не биде ударот само кај тие што не поставиле фотоволтаици, туку да биде рамномерно распределен – појаснува Бислимоски.