Финансиската помош од државата за ранливите категории граѓани е заглавена во собраниските лавиринти. Граѓаните на кои најмногу им се потребни парите во оваа криза не може да ги добијат ветените шесет илјади денари од државата бидејќи не е донесен посебен Закон за таа намена. Претседателот на комисијата за финансирање и буџет Тимчо Муцунски вели дека кон крајот на следната недела Законот би можел да се најде во матичната комисија. Но, претходно Законот мора да помине на седница во Парламентот, а за тоа е надлежен Претседателот на законодавниот дом, додава Муцунски.

„Треба да работи во добра верба, бидејќи има и проекти кои ги засегаат сите граѓани кои што и за кои што политичките партии не прават дискириминација. А, ние и стимулиравме дел од мерките кои се во тој Закон“, вели Тимчо Муцунски ВМРО-ДПМНЕ.

Од Собранието не добивме одговор кога Законот за финансиска поддршка на ранливите категории граѓани ќе стаса на дневен ред. Став по ова прашање побаравме и од владејачката партија СДСМ, но од партијата ни соопштија дека засега е рано да се зборува за таа дема бидејќи прво во Собранието треба да помине предлог буџетот за 20201 година. Велат дека таква е процедурата. А од Алијанса за Албанците велат дека власта сама одлучува кој Закон ќе добие на приоритет и потоа одговорноста ја префрла на опозициските партии.

„Законите што имаат директна врска со интересот на граѓаните, со интересот на ковид кризата и со балансирањето на буџетот ние направивме кворум иако не гласаме за некои закони, но ние не правиме проблеми да не се носат тие закони поради недостаток на кворум“, рече Халил Снопче Алијанса за Албанците.

Тоа што ги загрижува граѓаните е дали навремено ќе ги добијат парите за купување македонски производи, бидејќи како што ни соопштија пратениците  пред да  биде донесен буџетот за идната година, Законот нема да биде на дневен ред. Тоа значи дека граѓаните уште најмалку две недели нема да ја добијат помошта од државата иако правото да ги потрошат парите е 25 декември годинава.

По шесет илјади денари според Законот за финансиската поддршка треба да добијат пензионерите со месечна пензија до 15 илјади денари, невработените кои не бараат работа или пасивните невработени. Потоа, самохраните родители, естрадни уметници и филмски работници, ученици од основно и средно училиште и деца без родители.