Малопродажната цена на бензинот во САД достигна рекордно високо ниво од 2014 година по исклучувањето на гасоводот „Колонијал пајплајн”, соопшти Американската асоцијација за автомобили на својата веб-страница.

Од времето кога гасоводот беше затворен минатиот петок, па се до вчераутро, цените на бензинот во државата пораснаа во просек за седум центи. Просечните бројки за оваа недела достигнаа 3,02 долари за галон (3.785 литри) – и ова се највисоките бројки од октомври 2014 година, соопшти здружението. Според нивни проценки, на краток рок, флуктуациите на малопродажните цени на бензините ќе продолжат. Враќањето во нормала ќе се случи паралелно со продолжување на работата на гасоводот.

Претходно, Блумберг предупреди дека исклучувањето од работа на Пајплајн може да доведе до зголемување на цените на горивата на највисоко ниво во изминатите седум години.

Колонијал Пајплајн гасовод соопшти дека нападот врз неговиот систем бил извршен со малициозен вирус кој, инфилтрирајќи се во компјутерскиот систем, привремено го блокирал неговото работење и ги шифрирал податоците со барање да се плати откуп.