Највисока просечна плата исплатена во земјите од поранешна СФРЈ во март годинава имала Словенија од 1.423,75 евра, а најниска во Северна Македонија – 568 евра.

Просечната нето плата во Србија во март била 729 евра (85.485 динари). Споредено со истиот месец од претходната година, просечната нето-плата за март 2023 година е номинално повисока за 14,5 отсто, но реално е пониска за 1,5 отсто.

Во споредба со март 2022 година, највисок раст на реалните плати е забележан во Босна и Херцеговина (4,6 отсто), Хрватска и Црна Гора се исто така во „плус“, додека просечната нето-плата е реално пониска во однос на истиот месец минатата година во Србија, Словенија и Северна Македонија.

Просечната нето плата за март годинава во Словенија е номинално повисока за 9 отсто, но реално е помала за 1,4 отсто во однос на истиот период лани.

Просечната месечна нето-плата по вработен во Хрватска за март 2023 година изнесува 1.130 евра, што е номинално повисока за 11,9 отсто, а реално за 1,1 отсто во однос на истиот месец во 2022 година.

Во Босна и Херцеговина просечната исплатена плата за март годинава изнесува 644,23 евра и во однос на март 2022 година номинално е повисока за 15,4 отсто, а реално за 4,6 отсто.

Просечната плата без даноци и придонеси (нето) за март во Црна Гора изнесувала 781 евро. Во однос на март 2022 година, просечната нето плата бележи номинален раст од 10,9 , а реален раст од 0,4%.

Просечната исплатена плата во Северна Македонија за март изнесува 568 евра, што во однос на март 2022 година претставува номинален раст од 12,4 отсто, но просечната нето-плата во таа земја реално е за 2 отсто помала во однос на истиот период лани, пишува Н1.