Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија за 2019 година.

– Забележани се слабостите во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција што го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО. Исто така, нарушено е и се доведува во прашање остварувањето на личните и материјални долгорочни права на дел од осигурениците кои немаат механизми за докажување на платен придонес за одреден период во осигурувањесе наведува во соопштението.

Од Државниот завод за ревизија додаваат дека забележани се и слабости во нераспоредени средства во износ од 142 милиони денари (над 2,3 милиони евра) што Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО. Како слабост се наведуваат и недоволните механизми за присилна наплата на утврдените штети поради неоснована исплата на пензии за кои се евидентираат побарувања од граѓани и нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства, што упатува на неизвесност за наплата на истите во наредниот период.

Според Државниот завод за ревизија, оствареното зголемување на приходите во 2019 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година кои се однесуваа на исплата на пензиските примања за вкупно 333.722 корисници на пензиски примања и се за 6,7 отсто повисоки во однос на 2018 година.

– За покривање на дефицитот на средства за исплата на пензии во 2019 година трансферирани се средства од Буџетот на Република Северна Македонија во висина од 28 милијарди денари кои во вкупните приходи на Фондот учествуваат со 37 проценти, се наведува во соопштението.