Според резултатите од последната анкета на БанкоМетар.мк над 46 % од македонските граѓани трошат над 10.000 денари на зимници во тек на есента. 

Согласно анкетата која завршуваше денес 37% од граѓаните трошат од 5.000-10.000 денари на зимници а само 17% трошат под 5.000 денари на зимници годишно.

Овие цифри се безмалку поразителни, со оглед на фактот дека над половина од една просечна плата или над две третини од една минимална плата македонскиот граѓанин треба да издвои за да спреми зимници.

Зошто е тоа поразително? Па, светот се движи кон обезбедување на свежи намирници редовно за своите граѓани. Кај нас, во услови на епска сиромаштија која континуирано не тресе веќе три децении, во избор за поефтина варијанта за „презимување“ македонскиот граѓанин се врти кон зимниците. Колку се тие хранливи и здрави тоа е друго прашање или тема за обработка на други експерти. Она што нас, од економски аспект не интересира е процентуалното учество на зимниците во домашните буџети.

Оттука излегува дека скоро една плата нашите граѓани, годишно ја даваат за припрема на зимници. Ако на тоа додадеме дека уште минимум две плати годишно се даваат за огрев, излегува дека една четвртина од примањата се користат за елементарна зимска прехрана и загревање на живеалиштата во зима. Ова како показател е исклучиво високо, и за жал не сврстува меѓу најсиромашните земји во Европа, но и пошироко.

 

Наум Димитровски