Последните податоци на „Eurostat” покажуваат дека скоро секој трети граѓанин на Европската унија (32 проценти) не може да издржи неочекуван финансиски трошок, како што е ненадејна операција, трошоци за погреб, замена на машина за перење или автомобил итн.

Поради бројните рестриктивни мерки преземени за да се спречи ширењето на новиот коронавирус ширум светот, можноста за справување со ненадејните финансиски трошоци стана многу важна, особено во случаи на загуба на изворите на приход.

Најголем дел од луѓето кои не можат да си дозволат неочекуван финансиски трошок се лицата кои живеат сами – 40 проценти од самохраните лица не можат да си дозволат неочекувани и непредвидени финансиски трошоци.

Процентот е поголем за жените кои живеат сами (43%) отколку кај мажите (36%).

Со ненадејните финансиски трошоци најтешко се справуваат самохрани родители (домаќинства кои се состојат од еден родител и дете).

Повеќе од половина (56%) од луѓето во таа ситуација во ЕУ не можат да си дозволат неочекуван финансиски трошок.

Од друга страна, луѓето во домаќинства составени од двајца возрасни најдобро се справуваат со неочекуваните трошоци – „само“ една четвртина или 25 проценти од луѓето во оваа категорија не можат да издржат неочекуван финансиски трошок.

Кај домаќинствата составени од двајца родители со едно дете, 28% од луѓето не можат да се справат со непредвидените финансиски трошоци, а кај домаќинствата со две деца 26%.

Ако се направи анализа на сите членки на Европската унија, Хрватска се наоѓа на првото место според неможноста на граѓаните да се справат со непредвидените финансиски трошоци – повеќе од половина од граѓаните (52 проценти) не можат да издржат неочекуван финансиски трошок.

Зад Хрватска се наоѓа Латвија со половина од своето население односно 50%, Грција и Кипар со по 48%, Литванија со 47% и Романија чиишто 44% од жителите не можат да се справат со непредвидените финансиски трошоци.

Во најдобра ситуација се наоѓаат жителите на Малта, каде само 15% од населението не може да се справи со ненадејните финансиски трошоци.

Истражувањето опфаќа и некои од земјите во регионот кои не се во ЕУ.

Според податоците на „Eurostat”, во нашата земја над половина од населението не може да се справи со непредвидените финансиски трошоци односно 54,2% од граѓаните на Северна Македонија.

Во земјите во регионот, во најлоша состојба се наоѓаат граѓаните на Црна Гора кадешто дури 73% од населението не може да се спрви со неочекуваните финансиски трошоци, во Србија тој процент изнесува 39,8%, додека во најдобра позиција се наоѓаат граѓаните на Словенија со само 23,8%.

Босна и Херцеговина и Косово не се опфатени во истражувањето.

Извор: balkans.aljazeera.net