Цените на нафтата на светските берзи минатата недела, втора седмица по ред, пораснаа за над три отсто, како последица на проблемите со производството на енергенсот во Либија и информациите за намалување на нафтените резерви на глобално ниво.

На Лондонската берза цената на северрноморската нафта минатата недела порасна за 3,6 проценти на 67,20 долари за барел, додека на Берзата во Њујорк американската „лесна“ нафта се зголеми за 3,1 проценти на 63,60 долари за барел.

Минатонеделниот раст на цените на нафтата првенствено беше поттикнат од информациите за прекин на работата на наоѓалиштето на нафта Ел Фел во Либија, од каде дневно се произведуваат по 70 илјади барели нафта. Либија во просек произведува по околу милион барели нафта, но тоа производство варира поради нестабилната состојба во земјата.

Врз растот на цените на „црното злато“ влијаеше и изјавата на саудискиот министер за енергетика Халид ал Фалих дека се очекува натамошно намалување на глобалните резерви на нафта, додавајќи оти тоа е показател дека договорот за ограничување на производството на нафта дава резултати.

Организацијата на државите извознички на нафта (ОПЕК) и неколку други држави производители на енергенсот кон крајот на 2016 година постигнаа договор за намалување на дневното нафтено производство за 1,8 милиони барели почнувајќи од јануари минатата година. Ова намалување претставува околу два проценти од вкупното светско дневно производство на нафта.

Ваквата мерка имаше за цел да придонесе за урамнотежување на преголемата понуда и намалената побарувачка на нафта, што резултираше со драстично намалување на цените на енергенсот во текот на 2016 година.

Според аналитичарите последните податоци укажуваат дека пазарот за нафта се враќа во рамнотежа и дека тој тренд ќе продолжи и во текот на 2018 година.