Во Европската унија во  третото тромесечие минатата година во земјите  биле вработени 72,3 отсто од населението, што е највисока стапка на вработеност регистрирана досега, соопшти Европската комисија.

Стапката на вработеност на жителите на возраст од 20 до 64 години постојано расте во последните три години, соопшти Европската комисија.

Минатата година во однос на 2016 е зголемена за 1,7 проценти, односно за четири милиони жители, од кои 2,7 милиони лица во еврозоната, покажува најновиот Квартален извештај за вработеноста и социјалниот развој во Европа.

„Со поддршката од силниот економски раст, вработеноста во ЕУ во третиот квартал од 2017 година продолжи да расте посилно од очекуваното, додека невработеноста и понатака се намалува“, се наведува во извештајот на Комисијата.

Бројот на вработени со постојан работен однос за година дена, од третиот квартал во 2016 година, пораснал за 2,8 милиони, а бројот на оние кои имаат договори на одредено време е зголемен за 900.000.

Работници со полно работно време во 2017 имало 181 милион, односно за три милиони повеќе, а бројот на оние кои не работат полно работно време изнесувал 42,7 милиони, 300.000 повеќе отколку во 2016 година.

Во извештајот на Европската комисија се напоменува дека остануваат големи разликите меѓу државите членки, од 58 проценти вработени во Грција до 82 проценти во Шведска.

Истовремено, бројот на невработеноста се приближува до нивото од пред финансиската криза. Од април 2013 година кога беше највисока, е намален за околу 8,6 милиони и во декември минатата година невработени биле помалку од 18 милиони, што е најмалку од ноември 2008 година.