Владата денеска на седница го разгледа и усвои Полугодишниот извештај за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд, структурата по банки учеснички, како и состојбата на салдото. На седницата Владата го овласти министерот за финансии, Драган Тевдовски, со Македонска банка за поддршка на развојот да потпише анекс кон Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд бр.51-422/1 од 21.01.2011 година склучен меѓу Владата на Република Македонија и МБПР.
„Со анекс на Договорот склучен со МБПР ќе се намали каматната стапка за банките учеснички од 3% фиксно годишно на 2% фиксно годишно, ќе се намали каматната стапка за крајните корисници од до 8% годишно на до 5% годишно, ќе се зголеми максималниот рок на отплата на кредитите од 8 на 10 години и ќе се овозможи пласирање на кредити со намена и само за обртни средства со рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период до 6 месеци и со тоа ќе се обезбеди поголема поддршка на развојот од страна на Банката“, соопшти владината прес-служба.
Како дополнителен заклучок, Владата ја задолжи Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје да подготви стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање македонски компании, со поконкурентни цени и услуги, како и подобрување на условите за осигурување на извозот на македонски производи и во рок од 15 дена да ја достави до Владата.