Во време на светска енергетска криза, кога енергијата е движечка сила на општествата Македонија малку се посветува на развојот на единствената бесплатна енергија, а тоа е сончевата, додека милиони евра се даваат за увоз на струја. Ова е ставот на експертите и на бизнисмените кои укажуваат дека бирократските процедури во Македонија кои траеле со месеци ги одвраќале бизнисмените од ваквите инвестции.
„Ние еве како факт завршивме со инсталација на панелите во почетокот на август, а ја добивме дозволата пред еден месец, тоа е предолг период за една таква инвестиција да чека само за документација. Замислете ако имаме такви 50-тина или 100-тина хотели или било кои други објекти кои имаат таква енергетска моќ и може да прерачунаме во пари кои не мора да ги плаќаме надвор од државата за да увеземе струја, туку ќе биде наше домашно призводство“,вели Крсте Блажески, управител на хотел.
„Ако изведбата од моментот на договорот, зборуваме сега за поголеми системи, трае до 3 месеци, обезбедувањето на сите неопходни на документи за верификација на тој систем трае многу кратно подолго од тие 3 месеци. Така што за тие месеци енергијата не може да се внеси во енергетската мрежа така што тоа е лошо за сите нас“, додаде Зоран Митрески, експерт од областа на енергетиката.
И експертите и бизнисмените сметаат дека берзите можеби ќе се стабилизирале, но енергијата никогаш немало да биде со цена како претходно. Затоа компаниите, особено извозно ориентираните морале да вградат вакви системи.
„На крајот на краиштата дојде време каде што треба и мораме да инвестираме во нештото, затоа што ако ги плаќаме овие цени кои сега се, ние никогаш нема да излеземе на пазарот и да дадеме една понуда која е конкурента со околните држави околу нас“, рече Блажески, управител на хотел.
Ако порано овие инвестиции се враќале за 8 или 9 години сега со покачувањето на цената на електричната енергија за скоро 400% инвестицијата се враќала за 2 до 3 години.
„Во многу фирми тие трошоци значат 70 или 80% од вкупните трошоци кои ги имаат фирмите во своето работење. Така што тие би заштедиле 70% во цената на нивните производи, што е огромна заштеда. Што значи ако имаме ефтина енергија, имаме ефтин производ и нормално дека фирмите би опстанале со таков ефтин производ во пазарната конкуренција“, истакна Митрески, експерт од областа на енергетиката.
Експертите се на ставот и на тоа дека наместо да се давало плодно земјиште на странски компании за изградба на вакви системи, да се скратат овие процедури за инсталација на овие системи на крововите на компаниите што би било од далеку поголема корист за целата држава.