Економистите од Институтот за економски анализи и политики Фајнанс Тинк спроведе истражување во однос на справувањето со енергетската и криза и предизвиците кои произлегоа со високата инфлација, особено кај храната. Освен за земјава, експертите дополнителен акцент ставија и на фискалниот простор на државите од цел Западен Балкан. Според институтот целта е да се изврши преглед на фискалниот простор на земјите од Западен Балкан, кој беше значително затегнат како резултат на неколку годишната криза.

Експертите од Институтот Фајнанс Тинк под лупа ги стави субвенциите за електрична енергија во време на енергетска криза. Прогласувањето Енергетска криза од крајот на 2021 овозможи ЕСМ да продава струја на универзалиот снабдувач по цена пониска од пазарната, со што се субвенционираа сметките на приближно 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи. Со тоа, ЕСМ обезбеди 100% од електричната енергија на регулираниот пазар по субвенционирана цена. Потоа, разликата во цената на електричната енергија помеѓу индустријата и домаќинствата во земјава забележа драматичен раст во 2022. Оттука, согласно разликата на цената на електричната енергија помеѓу индустријата и домаќинствата, беа проценети субвенциите одвоени за домаќинствата за време на енергетската криза.

„Во 2022, субвенциите за електрична енергија за домаќинствата достигнаа 3.2% од БДП или 9.2% од јавните расходи. Сепак, во првата половина од 2023 година, се забележува нивно значајно намалување. Наодите од студијата укажуваат на потенцијално истиснување на расходите за здравство и социјална заштита, како резултат на зголемената буџетска поддршка за субвенции за електрична енергија. Односно, зголемување од 1 процентен поен на субвенциите за електрична енергија (изразени во % од БДП) е поврзано со намалување на јавните расходи алоцирани за здравството и социјалната заштита од 0.87 до 0.93 процентни проени и 2.07 до 2.26 процентни поени од БДП, соодветно. Овој наод е особено релевантен имајќи го предвид тесниот фискален простор во Северна Македонија, иако процесите на фискална консолидација се започнати. Ослободувањето на буџетскиот простор од прекумерните субвенции за електрична енергија, може да обезбеди простор за структурни реформи и инвестиции во поквалитетни јавни услуги и таргетирани мерки за најранливите категории на граѓани. На ова се надоврзува и потребата од зголемување на енергетските капацитети и намалување на зависноста од увоз, што ќе придонесе кон долгорочна отпорност и предвидливост, покрај можни предизвици што би следеле во иднина“, велат од Фајнанс Тинк.

Од Фајнанс Тинк велат дека умереното задолжување и делумно стабилните буџетски дефицити пред пандемијата овозможија владите од Западен Балкан да обезбедат голема буџетска поддршка за справување со пандемиската криза во 2020 и 2021. Експертите сметаат дека во 2021 година имало знаци на заздравување на фискалниот простор но тој дополнително се влоши како резултат на гео-политичкиот конфликт помеѓу Русија и Украина. Од Институтот велат дека фискалната консолидација ќе биде клучна за следниот период како на расходната, така и на приходната страна. Според економистите потребно е да се зголеми наплатата на даноците со сузбивање на сивата економија, и да се намалат јавните трошоци особено оние наменети за нетаргетирана поддршка.

„За разлика од фискалната експанзија во пандемискиот период во 2020 и 2021 година, резултатите покажуваат дека за време на енергетската криза и кризата со цените на храната, можноста за имплементација на фискални пакети е значително ограничена поради намалениот фискален простор. Со други зборови, доколку земјите од Западен Балкан воведат поголеми антикризни пакети за време на тековната криза, тоа би влијаело врз фискалниот простор во поголема мера отколку за време на претходните кризи. Оттука, неопходно е буџетските резерви да се градат за време на некризни периоди, со цел да се обезбеди простор за интервенција кога е најпотребно. Енергетската криза ги истакна слабостите на енергетскиот сектор во Западниот Балкан, и оттука, оваа студија дава осврт и на енергетскиот сектор, преку анализа на регионалните инвестиции во енергетиката како и мерките што ги воведоа владите од Западниот Балкан за справување со енергетската криза. Позитивен исход од овој период е фактот што во среднорочните фискални стратегии на земјите од Западен Балкан се предвидуваат и поголеми инвестициски планови за развој на енергетскиот сектор, што се клучни за спречување на идни шокови од ваков тип, како и за намалување на дополнителниот пристикок врз фискалната политика“, велат од Фајнанс Тинк.

Од Институтот препорачуваат да се намалат субвенциите за електрична енергија и тоа до крајот на годинава, придружено со директни трансфери за најранливите домаќинства. Тоа според експертите што ќе овозможи фискален простор за повеќе и поквалитетни други јавни услуги, како и зголемени инвестиции во енергетскиот сектор. Дополнително, потребно е да се обрне внимание на потенцијалното истиснување на јавните здравствени и социјални расходи, како резултат на зголемените субвенции за електрична енергија кои нудат привремено решение, без долгорочен бенефит.