Народната банка е активно вклучена во активностите на работните групи за подготовка на преговарачките позиции за пристапување на нашата земја во Европската Унија. Во рамките на вториот кластер „Внатрешен пазар“, но за четвртото поглавје „Слободно движење на капиталот“, свое излагање имаа претставници од Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки во однос на подрачјето „Слободно движење на капиталот и плаќања“, од Дирекцијата за платни системи во однос на подрачјето „Платни системи“ и од Дирекцијата за теренска супервизија во однос на подрачјето „Спречување перење пари и финансирање тероризам“.

Во подрачјето „Слободно движење на капиталот и плаќања“ беше образложена примената на законската регулатива за одделните капитални трансакции коишто се во надлежност на Народната банка, како што се кредитните и депозитните работи, плаќањата и трансферите врз основа на тековни и капитални трансакции, како и за посебните заштитни мерки уредени во Законот за девизното работење. Воедно, акцентот беше ставен и на идните активности во однос на приспособувањето на регулативата од областа на девизното работење со новиот Закон за платежни услуги и платни системи

Во подрачјето „Платни системи“ беше презентиран напредокот во доменот на подзаконските акти коишто произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи, а коишто Советот на Народната банка ги усвои кон крајот на 2022 година и почетокот на 2023 година. Во овој контекст беше нагласено дека правната рамка на Република Северна Македонија којашто ги регулира платежните услуги и платните системи во значителен дел е усогласена со правото на Европската Унија од оваа област.

Во подрачјето „Спречување перење пари и финансирање тероризам“ беа презентирани активностите и мерките коишто тековно ги спроведува Народната банка во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам кај субјектите над коишто врши надзор, како и усогласеноста со европското законодавство и идните активности коишто треба да се преземат во текот на 2023 и 2024 година.