Добрата вест што ја соопшти гувернерката е дека кај енергенсите и кај храната се очекува посилен пад на цените оваа година. Таа посочи и дека ќе има натамошно забавување на инфлацијата на 3,5 проценти оваа година и на 2,5 проценти наредната година.

Надолна корекција за економскиот раст направи Народната банка во однос на октомвриските очекување. Во пролетниот извештај што беше презентиран вчера, економскиот раст за годинава е предвиден на 2,6 проценти, а за наредната година предвидувањата се 3,6 проценти. Се очекува оваа година инфлацијата да биде 3,5 проценти, да закрепне странската побарувачка, да има зголемен раст на увозот и на извозот.

– Во однос на економскиот раст, и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти – рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска објаснувајќи зошто надолу е коригиран планот од октомври кога растот на БДП беше предвиден за 3 проценти годинава и за 4 проценти во наредната година. Таа потенцираше дека и понатаму опстојуваат ризиците за кои се зборуваше и во октомвриското сценарио.

Добрата вест што ја соопшти гувернерката е дека кај енергенсите и кај храната се очекува посилен пад на цените оваа година. Но, таа исто така рече дека кај увозната инфлација е извршена мала нагорна ревизија во тековната година, а за наредната година, таа е непроменета.

– Она што е важно е натамошно забавување на инфлацијата на 3,5 проценти оваа година и на 2,5 проценти наредната година. Кај металите се очекува претежно посилен пад за оваа година, но малку подобри движења за наредната година. Севкупно во однос на октомвриските макроекономски проекции ова упатува на умерено поповолни услови за размена, особено во сегментот храна и енергенси, но сепак би потенцирала дека неизвесноста и понатаму постои и бара внимателност – рече гувернерката.

Нашата земја има отворена економија и цените во голема мера зависат од надворешни цени. Гувернерката Ангеловска-Бежоска објасни дека инфлацијата сè уште се одржува над историски просек во најголем дел од земјите во светот. Ризиците од геополитички тензии се зголемија, лани се воведоа 3.000 трговски бариери, трипати повеќе од пандемискиот период.

– Во основа ММФ ги оценува глобалните ризици за инфлацијата како балансирани. Негативни ризици се евентуално нов ценовен шок во услови на сè уште присутни геополитички тензии, послабо забавување на базичната инфлација и подолго задржување на затегнатите финансиски услови, послаб раст на кинеската економија што има значајно влијание на глобалните текови, посилна фискална консолидација со неповолни ефекти, повеќе трговски ограничувања и посилна геоекономска фрагментација. Како позитивни елементи во ова сценарио ги споменуваат следните: побавна фискална консолидација, посилно забавување на базичната инфлација, побрзо олабавување на монетарните политики, зголемување на продуктивноста и примена на вештачка интелигенција – рече гувернерката.

Од Народната банка констатираат и дека и натаму се очекува закрепнување на странската побарувачка, но со послаба динамика од октомвриските проекции. Предвидувањата се и дека ќе продолжи фискална консолидација на среден рок и дека ќе се забрзаат инфраструктурните проекти во втората половина од годинава.

По забавувањето во 2023 година, се очекува постепено забрзување на кредитната активност во следниот тригодишен период.

– Во услови на стабилен и сигурен банкарски систем и постепено ослабување на ризиците за економијата, се очекува дека кредитниот раст умерено ќе забрза во 2024 година, односно ќе изнесува 6,1 проценти – посочија од Народната банка.