Народната банка започна со објавување нови статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност.

Овој показател ги прикажува финансиските врски помеѓу секторите во националната економија, како и помеѓу секторите на националната економија и секторот странство, врз основа на должничките хартии од вредност, соопштија од НБ.

Со изработката и објавувањето на овие податоци се збогати сетот расположливи статистички податоци усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди, коишто на редовна основа ќе се објавуваат на интернет-страницата на Народната банка. Со тоа, на носителите на економските политики, но и општо на пошироката јавност им се става на располагање детален стандардизиран преглед, изработен по принципот „од кого на кого“, за состојбата на должничките хартии од вредност по институционални сектори иматели и издавачи на хартиите од вредност.

Податоците се изработуваат со квартална динамика и се однесуваат на состојбата на крајот на секој квартал, на неконсолидирана основа, искажани во домашна валута (во милиони денари). На интернет-страницата на Народната банка е објавена временска серија податоци за периодот од првиот квартал на 2016 до вториот квартал на 2022 година, како и кратки методолошки објаснувања коишто содржат подетални информации за дефиницијата, опфатот, меѓународните стандарди, секторизацијата, изворите на податоци и вреднувањето на должничките хартии од вредност.