По долг временски период и бројни укажувања за потребата од регулирање на тргувањата со криптовалути, НБРМ излезе со став по оваа тема.

Народната банка не подготвува одделна регулатива, но се прават анализи и се следат сите глобално актуелни прашања за крипто-средствата, следејќи ги практиките и на централните банки од ЕУ, НБРМ.

Од друга страна од Централната банка потрдуваат дека потребата од регулирање станува се поочигледна иако како што велат, и во глобални рамки како и во нашата држава, не постои регулатива која го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства. Од таму го повторуваат ставот за високите ризици кои можат да произлезат од вложување во крипто-средства, посочувајќи дека за кус временски период се можни значителни промени во пазарната цена како во нагорна така и во надолна линија.

Крипто-средствата не се депозити и не постои механизам преку кој вложувачите ќе бидат обештетени.Лицата коишто би вложувале во крипто-средство треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула. Тие треба да имаат предвид дека крипто-средството не е издадено, ниту пак неговата вредност е гарантирана од некоја централна банка, НБРМ.

Ваквиот став според трговците со криптовалути потврдува како што велат, дека ние како и за многу други работи назадуваме и ќе бидеме меѓу последните кои ќе ја регулираат оваа дејност.

„Во регионот како и секогаш предничат Хрватска и Словенија каде се регулирани криптовалутите и со биткоин може да се купува се. Србија воведува регулатива, Косово има криптомати каде што може да се разменува биткоин. Во Европа најлиберални во овој поглед се Малта, Естонија, Литванија и Швајцарија која има и биткоин банки.

Во САД во неколку држави веќе може да се плати данок со биткоин, Нов зеланд и Австралија даваат избор вработените да земаат плата во биткоин ако сакаат, PayPal го прифати биткоинот, се повеќе од големите банки и сериозните компании ја применуваат блокчејн технологијата и го прифаќаат биткоинот како платежно средство итн“, рече во интервју за „Локално“ скопјанецот Зоран Т. кој речиси 10 одини работи со биткоини .

Според овој долгогодишен познавач на состојбите,интересот за купување на биткоини во Македонија се повеќе расте особено по покачувањата на вредноста кои беа регистрирани од почетокот на годинава. Во државава, биткоинот најчесто се купува во размена меѓу луѓе,но може да се купи и со банкарска картичка од некоја официјална берза која прифаќа банкарски картички.