Растот на акцизите за цигари и за дизел горивото, но и најавената либерализација на пазарот на струја се одразија врз крајните цени, односно според оценките на економистите, тука се лоцира и главната причина за очекувањата дека инфлацијата ќе расте. Новото истражување на Народната банка, кое се темели на анкетата направена меѓу економистите, но и самите интерни анализи на НБМ покажуваат дека годинава и следната година се очекува раст на цените како последица на повеќе фактори, и внатрешни и надворешни.

Што ќе се случува годинава и во 2019 ….

Годинава, според оценките на економистите инфлацијата ќе забрза на ниво од 1,8%  а овој тренд ќе продолжи во 2019 година, кога просечната стапка на инфалцијата ќе изнесува 2%. Инфлаторниот пораст, според оценките на економистите, што ги анкетирала НБМ, се должи на повеќе фактори, но во одговорите се посочува и неодамнешното зголемување на акцизата на дизелот, растот на акцизата за цигари, но и најавената либерализација на пазарот на струја.

„Испитаниците ја објаснуваат нагорната патека на инфлацијата за наредните две години со повеќе фактори како: зголемената минимална плата, повисоката акциза за дизел горивата, зголемувањето на акцизата на цигарите, либерализацијата на цената на струјата, секундарните ефекти од најавените промени во персоналниот данок на доход, како и со очекуваниот раст на цените на примарните производи на светскиот пазар“ – велат од НБМ.

Во ноември, лани Владата одлучи да ја зголеми акцизата за дизел горивото за 3,54 денари по литар, со образложение дека со оваа мерка  ќе се  зголемат буџетските  приходи, се врши усогласување  со европските  стандарди  и  регулативите  на  Европската Унија, како  и  заштита  на  животната  средина,  односно намалување  на загадувањето. Годишно, финансискиот ефект за буџетската каса се проценува на близу 30 милиони евра. Од Владата уверуваа дека повисоката акциза, кој ги зголеми и цените на дизелот, нема значајно да влијае врз порастот на инфлацијата, додека опозицијата побара акцизата на да се врати на првично ниво бидејќи, преку цената на дизелот, ќе влијае и врз цените на други производи и услуги.

Дел од економистите за “Фактор“ оценуваат дека инфлацијата, детерминирана од внатрешни и надворешни фактори, можно е да расте, но умерено, без поголеми пикови.

“Висината на инфлацијата ќе зависи од инфлацијата кај нашите најголеми трговски партнери, и од монетарната политика на одржување де факто фиксен курс на денарот. И оваа Влада, како и НБМ во континуитет, се за продолжување на монетарната стратегија на одржување на де факто фиксен девизен курс. Дел од нив сметаат дека нема потреба од промена на стратегијата, а дел, иако сметаат дека има потреба од промена, немаат храброст да го направат тоа. Во услови кога најголемите земји преку своите валути, водат меѓусебна исцрпувачка валутна војна, со водење на политика на потценета вредност на својата валута, како би го зголемиле извозот, на тој начин, ние упорно опстојувамена постојната монетарна стратегија. Науката вели дека монетарната стратегија која ја применуваме откако ќе се постигне ценовна стабилност треба да се замени со некоја друга, зашто долгото нејзино одржување, резултира со “гушење“ на стопанството“ – изјави во интервју за “Фактор“, Љубе Трпески, универзитетскиот професор и еден од поранешните гувернери.

Цените на горивата ќе растат …

Цените на нафтата годинава ќе растат. Според анализите на Народната банка, извршена е нагорна ревизија на  цената на нафтата во 2018 година, во однос на октомвриските проекции.

“Сега се очекува поголем ценовен пораст, особено за 2018 година, во најголем дел како резултат на договорот на земјите од ОПЕК и Русија за продолжување на договорот за намалување на производството на нафтата и прекин во снабдувачките капацитети“ – се наведува во најновиот, јануарски Извештај на Народната банка.

Освен цените на нафтата, годинава ќе бидат во пораст и цените на никелот и на бакарот. Во глобални рамки, според реузлтатите на анкета што ја спроведе Ројтерс меѓу 500 економисти, годинава се очекува позабрзан економски раст, односно светската економија да испорача раст на БДП од 3,7’%.

“Речиси 70% од над 140 испитаници сметаат дека светскиот економски бум ќе се забрза оваа година и ќе ја зголеми инфлацијата. Овие очекувања во голема мера се должат на растот во развиените економии, особено во еврозоната и САД“ – се наведува во истражувањето на “Ројтерс“.

Лани, во споредба со 2016 година, во земјава трошоците на живот се зголемиле за 1,4%, пришто најголем раст имало во секотрот комуникации, кај алкохолот и  цигарите, транспорт, ресторани и хотели.

 

01.02.2018   09:51