Народната банка за првпат ќе објави и ќе достави статистички податоци за должнички хартии од вредност. Со тоа, Народната банка е на чекор до целосното исполнување на показателите што се во нејзина надлежност, а произлегуваат од највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус, којшто го исполнуваат само 29 земји во светот.

За ова беше разговарано на состанокот меѓу директорот на Одделот за статистика на ММФ, Алберт Крусе и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска, одржан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка.Активностите на Народната банка беа насочени пред сè кон унапредување на податоците во доменот на финансиските сметки, процес потпомогнат од Одделот за статистика на ММФ. За таа цел, Народната банка предвидува покрај објавување годишни состојби, да започне со објавување и квартални податоци за финансиските сметки, со што ќе се овозможи достапност на пофреквентни информации за носителите на политиките и за согледување на движењата по одделните сектори, коишто може да претставуваат показател за евентуални економски ранливости.