Согласно со регулативата, Народната банка на Република Македонија е должна најмалку еднаш годишно да ги идентификува системски значајните банки, да го утврди заштитниот слој на капиталот за секоја системски значајна банка и најдоцна до 30. април во секоја година, да ги објави идентификуваните системски значајни банки на својата интернет-страница.

Системската значајност на банка во никој случај не е показател дека банката е поризична во однос на останатите банки во земјата, туку е показател исклучиво за нејзината значајност.

Заштитниот слој на капиталот за системски значајните банки има за цел да ја зголеми отпорноста на овие банки, коишто се значајни во банкарскиот систем заради нивната големина, типот на активности и услуги коишто ги вршат или заради пазарниот сегмент којшто го покриваат.

Методологијата за идентификување на системски значајните банки се заснова врз четири критериуми на системска значајност: големина, заменливост, поврзаност и сложеност. Секој критериум се состои од еден или повеќе показатели, коишто се пресметуваат како учество на банката во вкупниот банкарски систем, за позицијата којашто е наведена во секој од показателите.

 

 

Пресметките за идентификување на системски значајните банки за периодот април 2018 ‒ март 2019 година, е спроведена врз основа на податоците на 31 декември 2017 година.

Според оваа пресметка, како системски значајни банки се идентификувани истите седум банки како и по претходната пресметка (според азбучен редослед): – „Комерцијална банка“ АД Скопје – „НЛБ Банка“ АД Скопје – „Охридска банка“ АД Скопје – „ПроКредит банка“ АД Скопје – „Стопанска банка“ АД Скопје – „Халк банка“ АД Скопје – „Шпаркасе банка Македонија“ АД Скопје.

Системски значајните банки се должни да одржуваат т.н. заштитен слој на капиталот за системски значајни банки. Повисокиот капитал овозможува зајакнување на капиталната позиција на системски значајните банки, со што се зголемува и нивната стабилност и отпорност на потреси, што, пак, придонесува за зајакнување на стабилноста на целокупниот банкарски систем. Висината на заштитниот слој на капиталот на секоја од системски значајните банки се определува според висината на нејзината сумарна оцена.

Според последните пресметки, идентификуваните системски значајни банки треба да одржуваат капитал во висина помеѓу 1% и 2,5% од активата пондерирана според ризиците.

Народната банка поединечно ја известува секоја идентификувана системски значајна банка за висината на стапката на овој заштитен слој којашто треба да ја одржува, заедно со објаснување на начинот на кој е утврдена. Системски значајните банки коишто се објавени на оваа листа се должни да ja исполнат утврдената висина на заштитниот слој на капиталот најдоцна до 31 март 2019 година.

Доколку системски значајната банка не го исполни потребниот износ на заштитен слој на капиталот, во тој случај следи ограничување на износот од остварената добивка којшто може да го распредели за дивиденди, бонуси и слично.

Ова ограничување се движи помеѓу 0% и 100% од добивката, во зависност од висината на недостатокот на капитал за потребниот заштитен слој. Ваквото ограничување создава поттик остварената добивка да се реинвестира во капитални позиции на банката, наместо да им се исплати на сопственици во вид на дивиденди, што од своја страна ќе го забрза достигнувањето на потребниот заштитен слој на капиталот.