Основната каматна стапка, како и на расположливите депозити се покачени за 0,25 процентни поени…
Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика. На вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за дополнителни 0,25 процентни поени до нивото од 5,75%.
Донесена е и одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 процентни поени, со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,65% и 3,70%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Најновите податоци важни за оценување на амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се движат во рамките на очекувањата, но ризиците и натаму опстојуваат, велат од Народната банка и додаваат дека од тие причини е неопходна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.
Во согласност со очекувањата, и во април 2023 година годишната стапка на инфлација бележи забавување, коешто започна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки е над историскиот просек. Исто така, базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сѐ уште не се целосно исцрпени, велат од банката.