На прес-конференција за најновите макроекономски проекции гувернерката на НБ, Анита Ангеловска Бежоска денеска изајви дека продолжениот удар на кризата и засилениот, неочекуван втор бран на пандемијата создаваат дополнителен притисок врз македонската економија, која регистрира пад по сите параметри.

„Во согласност со ваквиот контекст, при понеповолно надворешно окружување, но и послаби остварувања во првата половина на оваа година, најновите проекции упатуваат на пад на економската активност од 4,9% во 2020 година и постепено закрепнување со интензитет од 3,9% и 3,6% во следните две години“, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.

Негативниот тренд ќе продолжи, а, според Народната банка, на крајот на годината ќе паднат сите сегменти на БДП, освен јавната потрошувачка, која е неопходна заради заштита на јавното здравје и поддршка на економијата.

Бруто инвестициите ќе бидат во минус од 13%, ќе се намалат и јавните, но и странските директни инвестиции. Личната потрошувачка е во пад од 4%, извозот од 11,7%. Главниот ризик за македонската економија останува пандемијата на ковид-19 и евентуалното повторно воведување на строги рестриктивни мерки.

Од Народната банка сметаат дека доколку заканата од коронавирусот се надмине побрзо од очекуваното, тогаш зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне глобалната економска активност.

Засега, значајно е што инфлацијата и понатаму останува ниска и стабилна, иако повисока во однос на проекциите од април. Во просек, во 2020 година се очекува инфлација од 1,1% што е над априлските оценки од околу 0%.

Народната банка очекува дека побарувачката на македонски производи и услуги годинава ќе се намали за 6,3% во однос на 2019. Така е пред се’ поради намалената побарувачка од земјите главни увозници, а како најголема од нив е Германија која важи за главен трговски партнер, на кој отпаѓа 50% од македонскиот извоз. Во делот на странските инвестиции, пак, се предвидува пад од 13%.