Народната банка продолжува со натамошен развој на статистиката на финансиските сметки, согласно со заложбите за постојано усогласување со највисоките меѓународни и статистички стандарди на Европската Унија. Твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“ придонесува за збогатување на сетот податоци со коишто нашата централна банка тековно располага и коишто за првпат беа објавени на крајот на минатата година. Преземените активности особено се однесуваат на развојот на финансиските сметки – текови, како и на утврдувањето и поставувањето соодветни методи на пресметка и извори на податоци за изготвување на кварталните финансиски сметки – состојби и текови. Централните банки коишто ни се партнерки во овој процес се Хрватската и Романската народна банка.

 Во рамките на проектот, денес беше одржана презентација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на тема: „Статистиката на финансиските сметки во Народната банка – концепт, развој и анализа на главните сектори во периодот 2013-2019 година“. Презентирајќи ги најновите достигнувања на Народната банка во сферата на статистиката, директорката на Дирекцијата за статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, пред професорите и студентите на Факултетот, покрај тоа што ги претстави најновите податоци за финансиските сметки, се осврна и на нивното унапредување постигнато во рамките на твининг-проектот финансиран од Европската Унија. Притоа, таа ги презентира и првичните (експериментални) податоци за финансиските сметки – текови, како и за кварталните финансиски сметки – состојби и текови.

 „Морам да истакнам дека големо значење за натамошниот развој на статистиката на финансиските сметки има пренесувањето на ИТ-решението за составување на овие податоци од Хрватската народна банка, којашто е една од нашите твининг-партнерки. Ова е значајна придобивка од проектот финансиран од Европската Унија, што во Народната банка ќе придонесе за брз, ефикасен и систематичен процес на подготовка на податоците и нивна трансмисија до европските институции.“ – истакна Бојчева-Терзијан.

 По презентацијата следеше дискусија, во којашто покрај задржувањето на одделни прашања, вклучително и на методолошките појаснувања во однос на финансиските сметки, беше нагласено и дека новите и збогатени податоци, покрај тоа што ќе овозможат донесување подобри одлуки засновани на докази за повеќе области, ќе бидат исклучително значајни и за академските истражувања. Тоа уште еднаш потврдува дека придобивките од твининг-проектот финансиран од Европската Унија носи придобивки за севкупната економија, а со тоа и за сите граѓани.

 Инаку, твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“ е во завршна фаза. Во него, покрај на статистиката на финансиските сметки, посебни проектни компоненти им се посветени на платежните услуги и системи, активности во сферата на регулативата и супервизијата на банките и во сферата на истражувањето.