Во рамките на активностите за одбележување 30 години од монетарното осамостојување, Народната банка (НБ) од 2 до 5 септември 2022 година, ќе организира дебата под наслов „В/РЕДНОСТИ И ВРЕДНОСТИ“, којашто ќе се одвива во Музејот на Народната банка, во рамките на истоимената музејска поставка. Дебатата, којашто јавноста ќе може да ја проследи преку социјалните мрежи, има за цел да ја афирмира научната и уметничката мисла, да поттикне дискусија за вредностите од различни професионални перспективи, да даде ретроспектива на случувањата и искуствата во текот на монетарното осамостојување на земјава и создавањето на современиот економски систем, како и да ги опфaти идните перспективи во контекст на тековните глобални економски случувања.

Дебатата ќе биде организирана во три панел-дискусии, соодветно на профилот на говорниците. Панел-дискусиите ќе можат да се проследат на каналите на Фејсбук и Јутјуб на Народната банка на Република Северна Македонија.

Првата панел-дискусија, под наслов „Мерливоста на вредностите: економски визури“, којашто ќе се одржи на 2 септември со почеток во 11 часот, ќе биде посветена на процесот на досегашната економска трансформација и вредностите создадени низ тој процес, улогата на меѓународните финансиски институции, како и идните перспективи и предизвици во контекст на забрзаната инфлација и забавувањето на светскиот раст. Воведно обраќање ќе има гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, додека на панел-дискусијата ќе дебатираат академиците Таки Фити и Абдулменаф Беџети, поранешниот министер за финансии и поранешен член на Советот на НБ, Џевдет Хајредини, неизвршниот член на Советот на НБ, универзитетски професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски и универзитетската професорка од Економскиот институт при УКИМ Скопје, Силвана Мојсовска. Претседавач ќе биде економскиот новинар Мирче Јовановски.

Втората панел-дискусија, под наслов „Мерливоста на вредностите: интеракции“, ќе се одржи на 5 септември со почеток во 11 часот. Оваа панел-дискусија е посветена на вредностите создавани од уметниците и ставањето на овие вредности во општествен контекст како средства за акција и канали за комуникација. На оваа панел-дискусија воведно излагање ќе има раководителката на Музејот на НБ и авторка на изложбата „В/РЕДНОСТИ и ВРЕДНОСТИ“, Катерина Христовска, а ќе дискутираат директорката на Националната галерија, Дита Керими Старова, Пеце Талевски продуцент од „ОХО продукција“, Гоце Наумов од Музејот на РСМ, инаку археолог, универзитетската професорка на Институтот за етнологија и антропологија, Илина Јакимовска и актерката Драгана Костадиновска од Македонскиот народен театар. Претседавач ќе биде новинарката Ана Зафирова.

Истиот ден, на 5 септември, ќе се одржи и третата панел-дискусија, под наслов „Мерливоста на вредностите: комплементарности и спротивности“, којашто ќе започне во 13.30 часот. На оваа панел-дискусија ќе дебатираат истакнати и меѓународно признати професионалци од областа на природните науки од аспект на степенувањето на фундаменталните вредности и како може индивидуалното знаење да придонесе кон одржување на вредностите во општеството. На оваа панел-дискусија ќе зборуваат Петар Кајевски, меѓународен ИТ-консултант кој работи во Виена и воедно член на „Македонија 2025“, Зоран Ивановски, професор на Институтот за електроника при ФЕИТ, Никола Стиков кој е биоинформатичар и работи на Политехничкиот факултет во Монтреал, професорката Ана Угринска од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина при УКИМ, Деан Богоевски, висцерален хирург на клиниката „Асклепиос Вандсбек“ во Хамбург и Митко Хаџи Пуља, професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Претседавач на оваа панел-дискусија ќе биде Горан Стојановски од „Скејл фокус Македонија“ (Scale Focus Macedonia) и поранешен професор на ФЕИТ.