Да се создаде можност за дополнителен основ за мирување на работниот однос во Законот за работните односи, во случај кога на работникот му се исплатува времена инвалидска пензија, до донесувањето на решение по контролниот преглед, предлага Народен правобранител. До предлогот доаѓа по пројавените проблеми со кои голем број граѓани корисници на времена инвалидска пензија се соочуваат со проблем во моментот кога при контролен преглед надлежната комисија ќе оцени дека се работоспособни. Во тој момент тие остануваат без егзистенција, односно и без пензија и без плата.

На лицето кога ќе добие решение за времена инвалидска пензија му престанува работниот однос и работодавачот врши негово одјавување од работа. Но, тој е задолжен да оди на контролен преглед пред Комисија за оценка на работната способност. Доколку на контролниот преглед Комисијата даде негативен наод и мислење, на лицето му се укинува времената инвалидска пензија и се задолжува да ги врати исплатените парични средства.

-Поради зачестените поплаки на граѓаните во однос на остварувањето на правото на инвалидска пензија, поточно проблемите што се јавуваат со одобрената времена инвалидска пензија и промената на состојбите по контролниот преглед, Народниот правобранител по сопствена иницијатива за овој проблем има алармирано во два наврати до Владата и до надлежното Министерство за труд и социјална политика. Меѓутоа, и по три години од нивното укажување се уште не е постапено и не е изменет Законот за работни односи со цел да се надмине проблемот, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител за МИА.

Излезот од оваа ситуација, Народниот правобранител ја гледа во можноста за создавање дополнителен основ за мирување на работниот однос во Законот за работните односи, во случај кога на работникот му се исплатува времена инвалидска пензија, до донесувањето на решение по контролниот преглед.

-Имајќи го предвид фактот дека во тек е подготовка на нов Закон за работни односи во кој се содржани и одредби за мирување на работниот однос по различни основи Народниот правобранител препорачува да се разгледа прашањето со времените инвалидски пензии и последиците кои се јавуваат кога истите ќе се укинат, а граѓаните кои веќе се одјавени од работа остануваат без никаква егзистенција. Поради ова, според Народниот правобранител, оправдано е да се создаде правен основ кој ќе ги заштити правата на граѓаните, се наведува во информацијата.