Според Пописот од 2021 година, околу 100.000 граѓани, кои во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години, а денес би имале 29 до 35 години, не живеат во државата.

Во Агенцијата за вработување, во јануари имало пријавени вкупно 157.990 невработени, од кои 111.896 активно бараат работа – што значи дека секој месец се пријавуваат и 46.064 пасивни баратели на работа, кои се пријавуваат еднаш годишно. Овие податоци покажуваат дека бројот на пријавените невработени во Агенцијата за вработување за една година се намалил за околу 20.000 луѓе затоа што во јануари 2022 година нивниот број бил 177.796.

Работодавачите постојано се жалат дека не може да најдат соодветни работници. Според статистичките податоци, повеќе од половина од оние што активно бараат работа се без образование или се со основно. Такви баратели на работа се евидентирани дури 65.190! Неповолни се и податоците за тие што долго бараат работа – 23.602 граѓани секој месец се пријавуваат и не можат да најдат работа повеќе од 5 години. Но, најнеповолни се податоците за одливот на работна сила.

Со цел да се прикаже сериозноста на проблемот, завчера Националниот совет за евроинтеграции расправаше за иднината на младите при што беше презентирана  анализата „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат вештини денес“. Во анализата има разочарувачки податоци за намалување на младото население и за иселувањето.

„Пописните резултати укажуваат на многу јасен тренд на мигрирање на младите во изминатите 20 години. Од 2002 до 2021 година, вкупниот број млади на возраст од 15 до 29 години е намален за 150.000 граѓани (2001 бројот на млади на возраст 19-29 години бил 480.828 , односно 24 проценти од вкупното население), додека 2021 година се 326.733 (18 проценти од вкупниот број на населението). Ваквиот тренд укажува на тоа дека населението во земјава старее. Загрижува и добро познатиот тренд на заминување на младите, односно според Пописот од 2021 година, околу 100.000 граѓани, кои во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години, а денес би имале 29 до 35 години, не живеат во државата. Истиот тренд провејува и во категоријата деца на возраст од 0 до 9 години од 2002 година, кои денес би имале 20 до 29 години, 16 проценти од оваа група недостасува во последните пописни резултати од 2021 година“, пишува во Анализата на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата, вели дека проблемот со обезбедување работна сила е многу сериозен. Но, во врска со базата на работна сила во Агенцијата за вработување, тој посочува дека Агенцијата не е таа што им нуди работници.

– Агенцијата за вработување не посредува при вработувањата, таа само ги евидентира и ги извршува обврските во однос на пријавите и одјавите на работници. Приватни агенции, како и агенциите за привремени вработувања, вршат посредувања и нудат работници. Можеби, доколку Агенцијата за вработување направи оддел за управување со човечките ресурси, ќе ја зголеми својата видливост и ќе стане позначаен фактор на пазарот на труд – вели Бошков.

Сепак, преку Агенцијата се спроведуваат повеќе мерки за вработување од Оперативниот план за вработување. Во моментов се активни огласите за самовработување преку кредитирање, за субвенционирано кредитирање на правните субјекти и за обука за побарувани занимања. Порано имаше и огласи за обуки кај познат работодавач со цел можно вработување, како и посебни погодности за работодавачите што ќе вработат луѓе што подолго чекаат работа во Агенцијата за вработување. Но, неретко и при вакви „спојувања“ има незадоволство и од едната и од другата страна – работодавачите велат дека нема соодветен кадар во базата на невработените, а работниците, пак, велат дека им се нуди несоодветна работа. Но, секако, има и трета опција, најголем дел од активните баратели на работа, како што и самите велат, се пријавуваат за здравствено осигурување или за да искористат некое право. Ова особено се актуализира со мерките на Владата за време на пандемијата кога корисници на парична помош беа само активните баратели на работа.