Според Министерството за земјоделство наскоро треба да биде објавен првиот повик за средствата од ИПАРД 3 програмата, а од 2-ри мај почнува информативната кампања. Преку оваа програма како неповратна помош од Европската унија се обезбедени 97 милиони евра. Средствата ќе може да се користат до 2027 година…
Од 2-ри мај почнува и информативната кампања, a наскоро се очекува да биде објавен и првиот ИПАРД 3 повик. Заинтересираните земјоделци и фирми според Министерството за земјоделство можат да ги подготвуваат своите проекти и потребната документација.
Вкупните инвестиции во македонското земјоделство со ИПАРД 3 програмата изнесуваат 210 милиони евра. Покрај 97 милиони неповратни средства од ЕУ, тука влегува и националното кофинансирањето во висина од 31 милион и 82 милиони евра кофинансирани од домашните корисници на оваа програма.
Набавка на нова опрема, изградба или проширување на производствените капацитети, поддршка за туризмот и руралниот развој се само дел од проектите кои се поддржуваат со ИПАРД програмата.
Во неа се предвидени и четири нови агроеколошки мерки и тоа за органско производство, за локални акциски групи, за изградба на инфраструктурни објекти и за советодавни услуги. Последната мерка што се најавува е од областа на шумарството, а ќе се активира за една до две години.
Една од поважните новини за производителите, е авансното финансирање. Секој корисник, кој ќе аплицира ќе има можност да добие 30 до 50 отсто од вложените средства веднаш по потпишувањето на договорот.