Текстот на законот во кој се формулирани мерките од Планот за економски раст е веќе изготвен од службите на Владата во соработка со сите чинители и наскоро ќе биде ставен на електронската база ЕНЕР, каде ќе можат да го видат сите заинтересирани, а до крајот на март ќе заврши и собраниската процедура по што ќе биде имплементиран, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Роковите ќе бидат запазени и тоа ќе биде компатибилно со поднесување на завршните сметки на компаниите што треба да  бидат поднесени до крајот на месецов. Потоа сите компании во земјава ќе можат да партиципираат за државна помош врз база на завршната сметка  за 2017 година, изјави Анѓушев, одговарајќи на прашање по промоцијата на договорите за грант од ИПА 2013 за имплементација на проекти за зголемување на конкурентноста и за зголемено учество на граѓанскиот сектор во реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ.

Тој посочи дека законот се носи за да нема потреба со секоја компанија поединечно  да се потпишува договор како што беше досега.

– Законот е рамка во која нема потреба посебно да се преговара и потпишува договор со секоја компанија. Со него ќе биде одредено точно што треба да добие секоја компанија. На тој начин компаниите ќе имаат предвидлива ситуација и нема да зависат од волјата и субјективната желба на никого и однапред ќе можат да имаат проекција за своите инвестиции и како ќе бидат помогнати од државата, рече Анѓушев.

За да не се спречи функционирањето на компаниите и нивното инвестирање во ТИРЗ се додека не се донесе законот, нагласи, и понатаму поединечно со сите компании ќе се потпишуваат  договори во согласност со одлука на Влада, но не со дискрециски права, туку по истите мерки што се предвидени во Економскиот план. Таков, како што кажа, е и договорот што е потпишан со турската компанија Чагатај кабло која инвестира во ТИРЗ Скопје 1.

Вицепремиерот посочи дека државата ќе преземе мерки за да им помогне на вработените и на Веибо груп како компанија доколку тие сакаат да продолжат да инвестираат во земјава.

– Интензивно го разгледуваме проблемот и мислам дека е рецидив од минатото кога на одредени инвеститори им се ветувани работи  кои не можат да бидат исполнети…  Владата не исплаќа плати на приватни компании. За плата се одговорни сопствениците, но ние сме тука  да помогнеме да се изнајдат решенија како да им се овозможи подобар амбиент за работа на стопанствениците за да можат да поделат плата, потенцира Анѓушев.

Посочи дека Веибо груп до Владата има доставено повеќе дописи во кои се жали на постапките на претходната влада која преговарала со нив и не исполнетите ветувања што ги добиле.