Главниот извршен директор на втората по големина банка во земјата „National Bank of Greece“ (NBG), смета дека Грчките банки ќе минат на стрес-тестовите на Европската централна банка и ќе покажат финансиска стабилност.
„ЕЦБ“ ќе ги објави резултатите од стрес-тестовите на четирите најголеми кредитори во Грција – „Piraeus“, „NBG“, „Eurobank“ и „Alpha“ во мај, за да се даде време за пополнување на капиталните дефицити, пред земјата да заврши со третата спасувачка програма во август.
„Сите грчки банки ќе ги минат успешно стрес-тестовите, а резултатите ќе бидат охрабрувачки“, рече Леонидас Фрагиадакис пред новинарите, цитиран од агенциите.
Стрес-тестовите на грчките банки, кои имаат за цел да го проверат капиталот на банките пред излегувањето на Атина од спасувачката програма во износ од 86 милијарди евра, ќе се одржат одделно од редовните стрес-тестови на другите банки во еврозоната.
Резултатите од тестовите на 33-те кредитори од другите земји од еврозоната ќе бидат објавени на 2-ри ноември.
Грчките банки биле рекапитализирани трипати откако избувна должничката криза во 2009-та година, но се уште врз нив тежат лошите кредити во вредност од 96 милијарди евра. Доверителите треба да го намалат нивниот износ на 65 милијарди евра до 2019-та година.
Главниот извршен директор на „NBG“ објасни уште дека банката е во процес на преговори со двајца кинески инвеститори, на кои ќе биде продаден мнозинскиот удел од осигурителната поделба на банката „National Insurance“, откако планот за неговата продажба на холандската компанија „EXIN“ не се материјализира.
„Разговараме детали околу процедурата, па продажбата да се случи што е можно поскоро и со позитивно влијание врз банката“, коментира Фрагиадакис.
Четирите банки кои се подложени на стрес-тестови во моментов поминаа долг пат од 2015-та година, кога беа тестирани за последен пат. Од тогаш, тие собраа скоро 15 милијарди евра во нов капитал. Меѓутоа, ако барем кај една банка се најде проблем, другите кредитори ќе страдаат, затоа што во краен случај ќе работат на истиот пазар. А при утврдување на неправилност ќе има последици за угледот на целиот систем и ќе се отежни позајмувањето на пари од други банки.
Грчките банки имаат најголемо учество во нефункционалните кредити во еврозоната – 47%, според најновите податоци на Европската комисија. Ова е многу повисок процент од оној во Италија на пример – 12%.