Во услови кога цените на недвижностите растат, граѓаните сè повеќе се свртуваат кон изградба на монтажни куќи. Влатко Серафимовски од фирмата „Кен панел монтинг“ вели за весникот ВЕЧЕР дека и порано монтажните куќи и викендички биле мошне барани поради брзото време за изработка и монтажа, но за време на пандемијата, нивната побарувачка рипнала за 300-400 проценти.

Монтажните куќи станаа сериозен фокус на граѓаните поради цената и брзината на изградбата. Пред пандемијата, цената за квадрат во ваков монтажен објект беше 270 евра, а сега, поради покачувањето на цените на градежните материјали, рипна на 450 евра и зависи од повеќе фактори

Изградбата на куќа за еден ден е сон на секого. Ваквата технологија со години се применува во Канада и во САД, а кај нас и во земјите на Балканот стана хит пред три години, односно по карантините што беа спроведувани поради пандемијата со ковид-19. Тогаш, за да ги избегнат повеќедневните затворања во домовите/становите, луѓето се одлучуваа да купат монтажна куќа или викендичка надвор од градовите.

А денес, во услови кога цените на недвижностите растат, граѓаните сè повеќе се свртуваат кон изградбата на монтажни куќи. Влатко Серафимовски од фирмата „Кен панел монтинг“ вели за весникот ВЕЧЕР дека и порано монтажните куќи и викендички биле мошне барани поради брзото време за изработка и монтажа, но за време на пандемијата, нивната побарувачка рипнала за 300-400 проценти.

– Купувањето монтажни куќи за живеење и викендички „пламна“ токму кога беа карантините. Луѓето, особено оние со мали деца, сакаа да побегнат надвор од градовите за да можат да се движат и да комуницираат. Тогаш најмногу се бараа викенд-куќите од 20 квадрати, со една соба и бања, но сега сакаат куќи со повеќе квадрати – секој според буџетот – вели тој.

Монтажните куќи станаа сериозен фокус на граѓаните поради цената и брзината на изградба. Пред пандемијата, цената за квадрат во ваков монтажен објект беше 270 евра, а сега, поради покачувањето на цените на градежните материјали, рипна на 450 евра и зависи од повеќе фактори.

– Предностите на монтажната градба се повеќе. Прво е кусото време за изработка. Ако просечната тврда градба од 80 квадратни метри се гради од 6 до 7 месеци, монтажната се гради за 2 месеца, што е исклучително брзо. Второ, ваквите објекти што се направени од префабрикувани елементи имаат одлична звучна и топлинска изолација. Најголема предност е што можеш да се договориш со клиентот, кој претходно треба да си обезбеди површина врз која ќе се постави монтажната куќа, како и сите потребни дозволи. Ние му го предаваме објектот „клуч на рака“, значи комплетно изграден со покрив, фасада, греење, санитарии, кујна, а тој потоа внатрешно си го опремува со мебел по желба – вели Серафимовски.

Исто така, во последно време многу барани се монтажните мобилни контејнери со помала квадратура. Серафимовски вели дека тоа што се мобилни и може да се пренесуваат од една локација на друга, за нивно поставување не се потребни дозволи.

– Имам плац во Бунарџик и ни требаше место каде што ќе се прибереме и ќе преспиеме за викендите. Се одлучивме за монтажен контејнер од 21 квадрат, кој не нè чинеше многу – само 5.000 евра – вели една скопјанка.

Најчесто монтажните куќи и викендички се барани за во руралните средини. Серафимовски вели дека монтирале вакви објекти на Скопска Црна Гора, во Сопиште, Соње, Зелениково, Илинден, но и насекаде низ државата.

Важно е да се истакне дека на онлајн порталите се нудат и се продаваат селски куќи и колиби за релативно малку пари. Сепак, тука се крие долг список со трошоци. Бидејќи таквите објекти во никој случај не се нова конструкција, постои реална потреба за адаптација на објектот, што во некои случаи воопшто не е евтино.