Комерцијалните банки согласно постојната законска регулатива треба редовно да ги ажурираат личните податоци на клиентите. Секоја банка со интерен акт ја определува фреквенцијата на ажурирање на документите и податоците потребни за следење на деловниот однос со клиентите, а клиентите при промена на некој од личните податоци (адреса, нова лична карта и сл.), треба да ја известат банката, нагласува Народна банка (НБ). 

Банките треба да ги информираат граѓаните за наједноставниот, најлесниот и најбрзиот начин на кој можат да ги ажурираат личните податоци и колку често треба да се врши ажурирање на нивните лични податоци кај банката (дури и тогаш кога нема промена на податоците).

„Во современи услови на сѐ позачестено користење на услугите на електронско и мобилно банкарство, согласно законските одредби за заштита на личните податоци и безбедноста на плаќањата, неопходно е банките да одржуваат редовна комуникација со клиентите, заради безбедно извршување на услугите и заштита на корисниците на финансиски производи и услуги“, велат од Народната банка.

Во некои банки постои можност ажурирањето на податоците да се врши по електронски пат, без доаѓање на шалтер во банките.

„Изнаоѓањето начини за известување за новините во регулативата, како и редовната комуникација со клиентите за сите аспекти при користењето на услугите од банкарскиот сектор придонесува кон зголемување на довербата на граѓаните во банкарскиот сектор, а со тоа се намалува просторот за шпекулации и дезинформации коишто можат да ја нарушат стабилноста на банкарскиот систем“, нагласуваат од Народната банка.