Што ќе се случува со кредитите кои сега не се плаќаат и се ставени на стенд бај до октомври. Ќе има ли ново пролонгирање на плаќањето, ако корона вирусот земе нов, посилен залет на есен?

Банкарите велат дека сè уште е рано да се отвора темата за ново одложување за плаќање на кредитите, а на ист став е и Народната банка. Мерката завршува во октомври, а до тогаш ќе се следи состојбата која ја донесе пандемијата со Ковид 19.

Од Народната банка нема прецизен одговор дали гувернерката веќе имала некакви разговори на оваа тема со извршната власт. Но велат ги следат потенцијалните ризици, како и ефектите од кризата врз домашната и врз глобалната економија. И подготвени се да интервенираат доколку има такви сигнали.

„Регулаторните измени со коишто се овозможи олеснување на финансискиот товар на засегнатите кредитокорисници, за банките и штедилниците важат до крајот на септември, но ако биде потребно, ќе се разгледа можноста нивната важност да биде продолжена.“ – ВЕЛАТ ОД Народна банка.

Но иако мораториумот за плаѓање на кредитите важи до октомври, банките од утре преку извршители ќе почнат со блокирање на сметки за кредити кои граѓаните не ги плаќале пред да почне корона кризата. Од Македонска банкарска асоцијација велат дека извршувањето почнува, зашто за тоа нема договор за одложување.

„По истекот на 30 дена од престанувањето на вонредната состојба продолжува да се применува Законот за извршување за сите отпочнати извршувања, вклучувајќи ги и предметите започнати до 31.3.2020 година. До овој момент не се направени разговори за одложување на извршувањето на нефункционалните кредити кои претходно граѓаните или компаниите не ги плаќале.“ – ВЕЛАТ ОД Македонска банкарска асоцијација.

Според податоците на Народната банка во првиот квартал од годината 4,7% од кредитите биле нефункционални, односно не можеле да се наплатат. Но во овој период се уште не се опфатени месеците април, мај и јуни, кога се засили економската криза поради пандемијата со Ковид 19. Од почетокот на годината 16 800 работници останаа без работа, а тоа секако влија и врз нивната економкса моќ.

70 отсто од граѓаните кои имаат кредити во банките во март решија плаќањето да го одложат за шест месеци. Податоците од банкарскиот сектор велат дека граѓаните повеќе замрзнувале потрошувачки кредити, а помал процент на хипотекарни, односно станбени кредити.