Народната банка на Република Македонија во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), изготви две едукативни брошури на темите: „Патување во светот на парите“ и „Водич за финансиска едукација“, наменети за младата популација во државата.

Публикацијата „Патување во светот на парите“ ќе придонесе младите да се информираат и да научат нешто повеќе за парите како важен дел од нашиот секојдневен живот, за историјата на парите, нивното потекло и нивната употреба во сегашноста, карактеристиките, функциите и формите на парите и нешто повеќе информации за националната валута на Република Македонија.

Публикацијата „Водич за финансиска едукација“ ќе помогне попаметно да управуваат и како одговорно да ги трошат парите, како да управуваат со приходите, кои се предностите од штедењето и што претставува буџет.

Целта на издавањето на овие едукативни публикации е да им се помогне на младите граѓани да донесуваат здрави финансиски одлуки уште од рана возраст. Управувањето со парите се најзастапените форми на лични финансии и ја опфаќаат секоја група граѓани, почнувајќи од децата и младите. Заштедите може да помогнат во постигнувањето одредени финансиски цели, без разлика дали тоа ќе значи плаќање годишна школарина, купување нова компјутерска или спортска опрема, а притоа без да се дојде до состојба на барање заем.

Брошурите се дел од активностите спроведени во рамките на Проектот за финансиска едукација на Народната банка и ѝ се достапни на јавноста во електронски формат на официјалните интернет-страници на НБРМ и на ЕФСЕ. Брошурите може да се најдат и во печатена верзија во просториите на Народната банка.

Брошурите претставуваат мали практични водичи, достапни на македонски и на албански јазик, во кои се објаснува историјата на парите, коишто овозможуваат стекнување општа финансиска писменост на лесно разбирлив и едноставен начин.