Паричната маса (монетарниот агрегат М41) во мај оствари месечен раст од 1,7%, што во најголем дел се должи на растот кај краткорочните депозити (придонес од 64% во месечниот раст). Споредено на годишна основа, во услови на раст кај сите компоненти, паричната маса е зголемена за 10,2%, што во најголем дел произлегува од растот кај депозитните пари2
и долгорочните депозити.

‒ Во мај, кај вкупните депозити е забележано месечно зголемување од 1,9%, при што во услови на депозитен раст кај двата сектора, месечната промена во поголем дел произлегува од зголемувањето на депозитите на корпоративниот сектор. Од друга страна, овој месец се забележува засилување на депозитниот раст на годишна основа со стапка од 9,8% (највисока годишна стапка на раст од јануари 2015 година наваму), со најизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.

Кај вкупните кредити во мај е евидентиран месечен раст од 1,2%, што се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора коишто имаат речиси подеднакво учество во месечната промена. Годишниот кредитен раст изнесува 6,3% и во поголем дел произлегува од растот на кредитите одобрени на секторот  „домаќинства“ (придонес кон растот од 72,6%).

 

1.Депозити и кредити на корпоративниот сектор 

 

Во мај вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат нагорна месечна и годишна промена од 3,8% и 9,3%, соодветно. Притоа, придонесот кон месечниот раст главно е распределен помеѓу краткорочните депозити во странска валута и во денари и депозитните пари, додека годишниот раст во најголем дел произлегува од депозитните пари, а во помал дел и од краткорочните девизни депозити, коишто заедно сочинуваат 93,3% од растот.

Кредитите на корпоративниот сектор во мај забележаа зголемување на месечна и годишна основа од 1,1% и 3,2%, соодветно. Од аспект на валутната структура, кредитите одобрени во денари имаат поголемо учество во месечниот раст, а на годишна основа растот во целост произлегува од денарските кредити, при намалено кредитирање во странска валута.

2. Депозити и кредити на домаќинствата 

Во мај, кај вкупните депозити на домаќинствата е евидентиран месечен раст од 0,6%, главно поради зголемените девизни депозити. Годишниот раст изнесува 8,9% и е распределен помеѓу депозитите во денари и во странска валута коишто
имаат речиси еднаков придонес кон растот.

Вкупните кредити на домаќинствата на месечна и годишна основа се зголемени за 1,3% и 9,6%, соодветно. Притоа, месечниот и годишниот раст на кредитната активност во најголем дел се должат на растот на кредитите одобрени во денари
(98,3% и 91,3%, соодветно).

Во мај, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 1,3% и 1,1%, соодветно, при годишен раст од 11,0% и
15,0%, соодветно. Кај автомобилските кредити, втор месец по ред, е забележано месечно намалување од 0,7%, додека на годишно ниво е остварен раст од 2,0%. Кредитите одобрени на кредитни картички бележат нагорна месечна промена од 0,2%, во услови на годишен пад од 0,7%. Овој месец, негативните салда на тековните сметки се зголемени на месечна и годишна основа за 5,6% и 4,2%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи бележат месечно и годишно намалување од 0,1% и 1,0%, соодветно.