Народна банка на Република Северна Македонија на портата за иновации објави детална листа на интересни прашања и одговори поврзани со криптовалутите. Текстот го пренесуваме во целост, а оригиналот може да го погледнете тука.

Потребно е да се напомене дека овие одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации. Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.

Што се крипто-средства?

Како и во голем број други земји, така и во нашата држава нема општоприфатена дефиниција за крипто-средствата. Нашата тековна законска рамка не познава термин „крипто-средство“. Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.

Како изгледаат крипто-средствата?

Крипто-средствата немаат конкретна појава во каков било физички облик, вклучително и како книжни или ковани пари. Тие се во дигитален формат и во моментот кога ќе се стекнете со крипто-средства, тие се сместени во т.н. дигитален паричник на вашиот компјутер, лаптоп, надворешен мемориски уред и/или паметен телефон и лесно се пренесуваат преку интернет.

Кои се разликите меѓу крипто-средствата и суверените валути (пари)?

Суверените валути се издаваат од страна на централните банки коишто всушност, имаат монопол врз процесот на нивното создавање и се грижат за одржување на нивната вредност. Суверените валути имаат три клучни карактеристики поради коишто можат да се сметаат за „пари“: 1) претставуваат медиум за размена (т.е. се средство за плаќање) најмалку во земјата каде што се издадени, 2) претставуваат единица за пресметка (т.е. мерка за изразување на вредноста) во земјата каде што се издадени и 3) служат како чувар на вредноста на економските агенти (т.е. можат да се чуваат заради штедење).

За разлика од суверените валути, крипто-средствата не се пари бидејќи не ги поседуваат трите клучни карактеристики на парите. Само во некои земји може да се користат како средство за плаќање, односно да поседуваат функција на медиум за размена, но во ограничен обем. Крипто-средствата не ги задоволуваат и останатите две карактеристики што ги имаат суверените валути, т.е. не се единица за пресметка (на пример, не постојат економски агенти коишто ги користат крипто-средствата како пресметковна единица при составувањето на своите финансиски извештаи) и не се чувар на вредност (т.е. пазарната цена на крипто-средствата изразена во некоја суверена валута зависи од понудата и побарувачката на платформите за размена и покажува висока нестабилност во краток временски период).

Дали централните банки издаваат дигитални валути?

Традиционално, суверените валути коишто ги издаваат централните банки можат да бидат издадени како книжни пари – банкноти, ковани пари ‒ монети, жирални пари, електронски пари. Но, со општиот развој на технологијата и примената на т.н. технологија на дистрибуирани записи во централнобанкарското работење, некои централни банки веќе имаат активни проекти за утврдување на потребата за издавање суверени валути во дигитален облик, коишто се познати под називот дигитални валути на централните банки (англ. central bank digital currency – CBDC). На пример, Европската централна банка тековно спроведува анкета и анализа за утврдување на потенцијалните предности, но и ризици од издавањето дигитално евро, врз основа на кои ќе донесе и одлука за негово (не)издавање.

Каква е улогата на Народната банка во врска со крипто-средствата?

Тековно, Народната банка нема надлежност да го регулира создавањето, поседувањето или тргувањето со крипто-средствата од страна на домашните економски агенти. Таа нема никаква надзорна улога во врска со крипто-средствата, независно дали станува збор за нивно стекнување преку процес на т.н. „рударење“ (англ. mining) или за вложување во нив.

Воедно, Народната банка тековно нема активности за издавањето сопствена дигитална валута (дигитален денар). Народната банка го издава денарот како суверена валута во Република Северна Македонија и преку постојано исполнување на својата основна цел – одржување на ценовната стабилност, непосредно овозможува македонскиот денар да ги поседува трите карактеристики на суверена валута – медиум за размена, единица за пресметка и чувар на вредноста.

Дали може да се плаќа со крипто-средства во Република Северна Македонија?

Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со крипто-средства. Согласно со постојната регулатива, плаќањата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Безготовинските плаќања во земјава се вршат во денари преку трансакциска сметка на учесниците во платниот промет во земјата.

Дали е легално вложувањето во крипто-средства во странство и каков третман имаат овие трансакции во платниот промет со странство?

Во глобални рамки речиси и да не постои регулатива којашто го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства, иако потребата за регулирање станува сѐ поочигледна.

Крипто-средствата од аспект на формалните квалификации главно се делат во две категории:

  • крипто-средства коишто се наменети за плаќање (англ. payment type), коишто имаат карактеристики на биткоин (англ. Bitcoin-like crypto-assets – BLCA) и се класифицираат како нефинансиски средства, а вложувањата во такви крипто-средства имаат третман на вложувања во нефинансиски, нематеријални средства, заради што овие трансакции се тековни, а не финансиски.
  • крипто-средства коишто имаат карактеристики на финансиски инструменти (англ. stablecoins, asset-referenced token) и се класифицираат како финансиски средства/вложувања.

Кај нас, како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство. Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано.

Поради комплексноста и анонимноста, трансакциите со крипто-средства имаат повисоко ниво на ризик од перење пари и финансирање тероризам. Оттука, банките се должни да ги почитуваат покрај соодветните барања поврзани со девизниот режим, така и прописите поврзани со спречувањето перење пари и финансирање тероризам.

Дали крипто-средствата се депозити?

Крипто-средствата не се депозити, не се гарантирани и не постои механизам преку кој клиентите ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот којшто издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства. Ова е една од причините поради кои вложувањето во крипто-средство се смета за високоризично.

Кои се ризиците од вложување во крипто-средства?

Вложувањето во крипто-средства по правило се смета за високоризично. Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од високата променливост на нивната пазарна цена, а што е значително повисока споредено со променливоста на други финансиски и нефинансиски средства, на пример курсевите на суверените валути, приносите на акциите, или, пак, цените на стоките што се предмет на тргување на глобалните пазари (на пример нафтата). Ова значи дека за краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока. На пример, пазарната цена на биткоинот, историски анализирано, имала дневни промени коишто се над вообичаените пазарни дневни промени на берзанските индекси или цените на акциите коишто по правило се едноцифрени. Исто така, различни истражувања укажуваат и на ризикот од формирање т.н. меур (англ. bubble) во пазарната цена на крипто-средствата. На пример, на следнава слика може да се забележат одговорите на испитаници кои се професионални учесници на финансиските пазари за тоа кај кои средства на почетокот од 2021 година постои највисок ризик од појава на т.н. меур во динамиката на нивната пазарна цена. Како што се гледа од сликата, за биткоинот како најпопуларно крипто-средство, на скалата од 0 до 10, каде што 10 е оценка за „екстремен ризик од појава на меур“, е добиена највисока просечна оценка од 8,7.

Покрај ова, глобалниот пазар на крипто-средства е прилично хетероген, што се потврдува и со фактот дека постојат речиси 7000 крипто-средства, коишто се разликуваат според начинот на нивното создавање или целта за која се издадени. Но, истовремено, глобалниот пазар на крипто-средства е и прилично концентриран, што се потврдува со фактот дека пазарната капитализација на најголемото крипто-средство е околу 68% од вкупната пазарна капитализација на сите крипто-средства, а најголемите десет крипто-средства според пазарната капитализација претставуваат околу 90% од вкупната пазарна капитализација на сите крипто-средства (заклучно со првата половина на јануари 2021 година). Посебен ризик, како од регулаторен, така и од инвеститорски аспект претставува прибирањето средства од широката инвеститорска јавност преку иницијални јавни понуди на крипто-средства (ICOs) за финансирање определени проекти, со цел да се заобиколат важечките регулаторни барања за реализација на иницијални јавни понуди (IPOs) на финансиски инструменти.

Оттука, сите коишто вложуваат треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ефекти од нивните вложувања. Треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула.

Исто така, треба да се напомене дека при вложување во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, посебно во услови на развој на голем број јавни или приватни децентрализирани инфраструктури врз коишто се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки. Со оглед на тоа дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависи од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор (т.н. кибер ризици) и можноста за т.н. хакерски напади. Покрај ова, поради високото ниво на анонимност при поседувањето одредени крипто-средства, како и при спроведувањето на трансакциите со крипто-средства, се зголемува и ризикот од перење пари и финансирање тероризам. Со тоа се зголемува ризикот од времено или целосно блокирање на одредени платформи и од замрзнување на дигиталните паричници на клиентите, како резултат на мерки на надлежните органи за спречување перење пари и финансирање тероризам или надлежните органи за истражување финансиски криминал. Исто така, и финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам.

Народната банка апелира до потенцијалните инвеститори да внимаваат и да прават разлика и меѓу дигитални валути коишто може да ги издадат централните банки (CBDC) и крипто-средства издадени од приватни субјекти, а чија вредност е поврзана со вредноста на одредена суверена валута (англ. stablecoins). Кај овие крипто-средства (англ. stablecoins), независно што нивната вредност е „покриена“ со одредено портфолио валути, сепак тие секогаш се издаваат од приватни субјекти, според нивни правила. Поради ова, инвеститорите треба да внимаваат за да не се доведат во заблуда или да изградат погрешни очекувања, имајќи ја предвид сличноста на називите и/или карактеристиките на овие два вида дигитални средства, а со тоа да се изложат и на потенцијален ризик од измама.