Во последните 10 години вкупните депозити растат со стапка од 8 проценти во просек на годишно ниво. Ова го изјави гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, во обраќање на свеченоста по повод Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври, организирано од Македонската банкарска асоцијација.

Пред присутните таа се осврна на важноста на штедењето како од аспект на поединецот така и за целокупниот економски напредок и одржувањето на макрофинансиската стабилност и притоа укажа и на повеќекратната корист за целокупното општество.

„Имајќи ги предвид сите придобивки на штедењето, задоволство ми е што можам да констатирам дека македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор. Во последните 10 години вкупните депозити растат со стапка од 8 проценти во просек на годишно ниво, што придонесе за зголемување на штедењето за 10 процентни поени на нивото од 55 отсто од БДП во 2017 година. Фактот што депозитниот раст беше остварен во услови на глобалната криза и повеќе економски и политички шокови е потврда за високата доверба на граѓаните во банкарскиот сектор, кој во целиот период остана здрав, стабилен, висококапитализиран и ликвиден покажувајќи висока способност за успешно справување со шокови. Особено позитивен е посилниот раст на депозитите во домашна валута и забрзувањето на растот на штедењето на долг рок, што го јакне капацитетот на банките за долгорочни пласмани и поддршка на инвестициски проекти. Растот на депозитите обезбеди солидна основа за раст на кредитната активност и продлабочување на финансиското посредување за 8 процентни поени во изминатите десетина години до нивото од 48 проценти од БДП во 2017 година“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа нагласи и дека и покрај позитивните трендови, видлива е потребата за натамошно зголемување на вкупното домашното штедење, што е впрочем заедничка карактеристика на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Притоа подетаљно се осврна и на поврзаноста на нивото на штедење со нивото на поддршка на инвестициите. Укажа и на тоа дека перспективно гледано, несомнена е потребата од забрзување на инвестициите, што значи несомнена е и потребата за поттикнување на домашното штедење заради намалување на јазот помеѓу домашното штедење и инвестициите.

На свеченоста се обратија и министерот за финансии, Драган Тевдовски, и претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски.