Иако граѓаните сè повеќе користат дигитални услуги и електронски начини на плаќање, малите трговци во земјава сè уште во голема мера се потпираат на готовински трансакции. Според податоците презентирани од Народната банка, повеќе од 90 проценти од плаќањата кај малите трговци се реализираат во готовина.

На работилница организирана од Народната банка во соработка со Светската банка, вицегувернерот Игор Величковски посочи дека државата располага со солидна дигитална инфраструктура. Околу 84 проценти од населението има платежна сметка, а три четвртини од корисниците на сметки користат дигитални канали за плаќање. Воедно, интернет и мобилната покриеност надминуваат 90 проценти.

Сепак, користењето електронски плаќања кај малите бизниси останува ограничено. Во земјава работат околу 16.700 трговци, а на располагање има приближно 36.000 уреди за прифаќање електронски плаќања, што покажува дека нивната употреба е нерамномерно распределена и најчесто концентрирана кај поголемите трговски субјекти.

Според Величковски, главната пречка не е неподготвеноста на граѓаните, туку ставот на дел од малите трговци дека дигиталните плаќања се скапи и комплицирани за воведување и користење.

Како можни решенија беа посочени инстант плаќањата, користењето QR-кодови, плаќањата преку алијаси и системите за моментална потврда на трансакциите. Целта е плаќањата да станат поедноставни, побрзи и подостапни за малите бизниси.

Од Народната банка нагласуваат дека во соработка со Светската банка продолжуваат активностите за модернизација на платниот систем и интеграција со европските платежни стандарди, со што би се олеснило прифаќањето на дигитални плаќања од страна на сите трговци.