dollarНа меѓународните девизни пазари минатата недела доларот зајакна, откако претставници на американската централна банка ФЕД најавија дека до крајот на годината можно е зголемување на каматните стапки.

Девизниот курс на доларот во однос на јапонската валута се зголеми за 0,5 проценти на 120,60 ¥. Вредноста на доларот се зголеми и во однос на европската валута за 1 процент на 1,1195 $. Девизниот курс на еврото ослабе и во однос на јенот за 0,4 проценти, на 135,00 ¥.

Официјални лица на американската централна банка во вториот дел од минатата недела испратија пораки дека до крајот на годината можно е зголемување на каматните стапки.

Во четвртокот тоа го повтори и претседателката на ФЕД Janet Yellen, која истакна дека не очекува случувањата во светската економија и на финансиските пазари да имаат значително влијание врз политиката на централната банка.

Малку е веројатно дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки уште во октомври, па стартот на затегнувањето на монетарната политика би можел да следи евентуално во декември, изјавуваат аналитичарите.

“И покрај изјавите на Janet Yellen, не постои гаранција дека ФЕД, всушност, ќе ги зголеми клучните каматни стапки оваа година. Затоа, доларот веројатно нема да има јасна насока и некое време ќе се движи во опсег од 118 до 122 јени”, изјави Masafumi Yamamoto, аналитичар во компанијата Monex.