dollar 1На меѓународните валутни пазари минатата недела доларот значително зајакна, бидејќи растот на потрошувачката и инфлацијата во САД предизвика шпекулации за зголемување на каматните стапки од страна на Банката на федерални резерви (ФЕД).

Доларот во однос на јапонската валута зајакна за 1,2 проценти на 114,00 јени. Американската валута зајакна и во однос на еврото за 1,8 проценти на 1,0935 $. Еврото ослабе во однос на јенот за 0,7 проценти на 124,60 ¥, што е најниско ниво од јуни 2013 година.

Зајакнувањето на доларот е последица од зајакнувањето на потрошувачката и на инфлацијата во САД, што може да доведе ФЕД да ги зголеми каматните стапки порано отколку што се мислеше.

Во петокот според втората проценка американскиот БДП во последниот квартал од минатата година се зголемил за 1 процент на годишно ниво, нешто повеќе од првата проценка која изнесуваше 0,7 проценти.

Иако тоа е значително помалку од претходниот квартал во кој БДП изнесуваше 2 проценти, податоците сепак ги ублажија стравувањата кај инвеститорите од големо забавување на економијата на САД.

Покрај тоа, најновите податоци покажуваат дека во јануари потрошувачката се зголеменила за 0,5 проценти, повеќе од очекуваното, додека инфлацијата забележа најголем раст во последните четири години.

Тоа повторно ги поддржа шпекулациите дека ФЕД оваа година сепак ќе продолжи да ги зголемува клучните каматни стапки.

ФЕД во декември за прв пат од 2006 година ги зголеми каматните стапки и најави натамошно зголемување. Но, во последните неколку недели на пазарот преовладува тезата дека ФЕД поради забавувањето на економскиот раст, ниската инфлација и финансиските превирања на пазарот ќе се откаже од плановите.

“Фактот дека БДП е ревидиран на поголема стапка тоа е позитивно за доларот. На пазарот повторно растат очекувањата дека ФЕД оваа година ќе ја заостри монетарната политика”, изјави Sireen Haraјli аналитичарка на Mizuho Bank.