dollarsНа меѓународните валутни пазари минатата недела доларот зајакна, поради тоа што јапонската и европската централна банка наскоро би можеле дополнително да ја олабават монетарната политика.

Доларот во однос на јенот зајакна за 2,8 проценти, најголем неделен скок од октомври 2014 година, на 111,80 ¥ највисоко ниво во последните три недели. Американската валута зајакна и во однос на еврото за 0,5 проценти на 1,1220 $. Еврото во однос на јенот зајакна за 2,3 проценти на 125,50 јени.

Само во петокот доларот во однос на јенот зајакна за повеќе од 2 проценти, бидејќи јапонската валута се најде под притисок откако агенцијата Блумберг објави дека централната банка на Јапонија доколку одлучи за дополнително зголемување на негативните каматни стапки на банкарските депозитите преку ноќ може да ја разгледа примената на негативни каматни стапки и на кредитите на банките.

Еврото, пак, ослабе во однос на доларот под притисок на извештајот на компанија Маркит, кој покажа разочарувачко ниво на активност во германскиот приватен сектор во април, што укажува на слабеењето на најголемата економија во Европа.

Европската централна банка во четвртокот, како што се очекуваше, ги задржа каматните стапки на рекордно ниско ниво, а претседателот на ЕЦБ изјави дека политиката на инјектирање пари во финансискиот систем и кочењето на растот на каматните стапки на кредитите ги носи посакуваните резултати.

Тој додаде дека каматните стапки уште долг период ќе останат на рекордно ниско ниво за да се поттикне растот на економијата во еврозоната и намалување на ризиците од дефлација.

Американската економија е во подобра состојба отколку европската и јапонската, но доларот во последно време е под притисок бидејќи челниците на ФЕД порачаа дека треба да бидат претпазливи во зголемувањето на каматните стапки како резултат на несигурноста во глобалната економија.