currencies connected in 3d rendered abstract

На меѓународните валутни пазари минатата недела, курсот на еврото во однос на доларот падна на најниско ниво во последниве два месеци, откако Европската централна банка (ЕЦБ) најави дека e можно дополнително да ја олабави монетарната политика.

Девизниот курс на еврото во однос на американската валута минатата недела падна за 2,9 проценти, на 1,1018 $, што е најниско ниво од почетокот на август. Еврото ослабе и во однос на јапонската валута за 1,3 проценти, на 133,80 ¥, најниско ниво во еден месец. Доларот зајакна во однос на јенот за 1,7 проценти, на 121,45 ¥.

Најголемата неделна загуба од мај, на еврото во однос на доларот, е како последица на најавата од ЕЦБ дека нејзините лидерите на состанокот во декември треба да го разгледаат прашањето за воведување на дополнителни стимулативни мерки.

Како што се очекуваше, лидерите на ЕЦБ на седницата во четвртокот одлучија клучната каматна стапка да остане непроменета на рекордното ниско ниво од 0,05 проценти, додека претседателот на ЕЦБ Mario Draghi, изјави дека ЕЦБ во целост ќе ја спроведе програмата од 60 милијарди евра месечно и дека таа би можела да се прошири и по планираното завршување во септември следната година.

“Пазарите очекува Draghi да сигнализира за продолжување на програмата после септември следната година, но тој отиде толку далеку што дури и покажа подготвеност за намалување на каматните стапки на банкарските депозити подлабоко во негативна територија”, коментира еден трговец на јапонска брокерска куќа.

Можноста од натамошно олабавување на монетарната политика ја притиска европската валута. Аналитичарите на Goldman Sachs сметаат дека потенцијот за натамошно слабеење на еврото е многу значаен, па проценуваат дека девизниот курс може да се врати на најниско ниво во последните 12 години од околу 1.05 долари до колку што падна во март, доколку ЕЦБ одлучи за натамошно олабавување на монетарната политика .

Аналитичарите на Commerzbank сметаат дека натамошниот раст на доларот, најверојатно, дополнително ќе го притисне ФЕД да го одложи зголемувањето на каматните стапки во САД.